Груевски: Владата ќе го поддржи туризмот со двојно повеќе пари од лани

Со 150 милиони денари, двојно повеќе средства од минатата година Владата ќе ја зголеми поддршката за развој на туризмот, истакна премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање на денешната промоција на нова лабораторија на Институтот за патологија.

Тој појасни дека во делот на  Агенцијата за туризам предвидени се 150 милиони денари, а средства ќе бидат обезбедени и за меѓународна медиумска промоција.

„Охрабрени сме од минатата година затоа што имаше 26 отсто раст на странски туристи и шест отсто домашни во споредба со 2012 година. Тоа покажува дека правецот е добар. Тоа е резултат на многу чекори и фактори  што беа превземени од страна на Владата, меѓу кои се и давањето субвенции на тур-операторите кои носат туристи во Македонија, на авиокомпании и меѓународната медиумска промоција на Република Македонија“,  истакна Груевски. Тој додаде дека во развојот на туризмот помогнаа и инвестиционите промотори, кои покрај нивната примарна задача, имаат обврска и да ја промовираат Македонија како одлична туристичка дестинација.

Премиерот нагласи дека ова се само дел од многуте активности кои ги превземаат за развој на туризмот. Тој појасни дека  новина е тоа што за туристичка промоција од оваа година се слеваат пари и од игри на среќа, односно 40 милиони денари од овие средства ќе бидат директно од игрите.