Македонија

Груевски: Владата никогаш не спроведува штетни проекти

Груевски: Владата никогаш не спроведува штетни проекти

Оваа Влада никогаш не правела проекти со коишто ќе направи штета некому, а најмалку на луѓето од Македонија, но и на соседите се разбира, изјави денеска премиерот Никола Груевски, коментирајќи ги информациите за реализацијата на проектот „Луково поле“.

„Би сакал да упатам порака до луѓето што живеат во овој крај да бидат мирни дека оваа Влада не работи каков било проект што може да наштети на граѓаните и на животната средина и никогаш не работела така досега. И да знаат дека ние стоиме зад нив, а не оние шпекуланти коишто гледаат од овој проект да извлечат некаква политичка корист и ги подбуцнуваат да веруваат дека со овој проект ќе се направи некаква штета,“ изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по промоција на 60 нови книги од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.

Премиерот Груевски појасни дека проектот се работи заедно со Светската банка, која подготвува и еколошки проект што треба да ги покаже предностите и евентуалните слабости. Потоа, како што рече, ќе се донесе дефинитивната одлука.

„Ако проектот покаже дека нема некои посериозни штети за природата, за животната средина, за граѓаните, во таков случај ќе се оди понатаму и проектот ќе се реализира. И обратно, ако проектот покаже дека има штети за граѓаните, за животната средина, за природата, па еве да речеме и за соседите, се разбира дека таков проект, како прво и Светската банка нема да поддржи бидејќи оди преку СБ и тие даваат средства,“ подвлече Груевски.