Македонија

Груевски: Владата прави максимални напори субвенциите да се исплатат навреме

Груевски: Владата прави максимални напори субвенциите да се исплатат навреме

Во попладневниот дел на собраниската седница на која се поставуваат пратенички прашања, Панче Орцев од СДСМ побара од премиерот да одговори дали субвенциите на земјоделците им се исплаќаат навреме.

Оваа Влада, како што рече премиерот Никола Груевски вистински се грижи за земјоделците воведувајќи ги субвенциите како една од формите за помош и поддршка на земјоделците.

Владата, како што рече, прави максимум напори субвенциите да се платат навреме и во најголем дел се плаќаат навреме.

– Тогаш кога имало одредени задоцнувања главно биле заради доцнење на одредени податоци коишто треба да се соберат или пак понекогаш се случуваше и кога самите земјоделски здруженија бараат одлагање на некои рокови, на пример за пријавување на субвенциите што пак поместува и рокови за исплата на субвенциите. Но тоа им е потребно и тие тоа самите го бараат. Така и оваа година ред по ред се исплаќаат сите ветени  субвенции, рече Груевски.

Наредни за исплаќање, како што информира, се  субвенции за производителите на млеко и тргнувајќи од денеска во наредните две до три недели очекуваме околу 6.000 производители на млеко да добијат субвенции.

– Втората група се производителите на полјоделски производи. Околу 10.000 производители на полјоделски производи тргнувајќи од денеска во наредните две до три недели треба да ги примат своите субвенции. На овие две групи заедно отприлика треба да им биде исплатено околу 8,5 милиони евра во наредните две до три недели. И да се исполни тоа што им било ветено, истакна Груевски.

Кога станува збор за земјоделците оваа Влада, како што рече Груевски, дава максимална помош што може да се даде на секој земјоделец. – Нормално се трудиме тоа да биде во законска рамка поради законски определени процедури да се биде согласно пропишаниот ред, но во постојана комуникација со сите земјоделски здруженија, додаде тој.

За жал, како што рече, она што го наследивме претходно беше целосно отсуство на волја да им се помогне на земјоделците.

– Тие немаа субвенции, немаа поддршки и се изборија само во изборите во 2006 година со демонстрации пред Владата тутунарите да добијат некои трошки. СДСМ беше тотално глува во однос на барањата на земјоделците за субвенции. Ги оставија на маргините на општеството заборавени, понижени, без пари, со долгови без било каква поддршка. Промената што ја направивме беше видлива, истакна Груевски.

Премиерот посочи дека почнале со 18 милиони евра за поддршка на земјоделците. – Следната година 25, следната 40, па потоа 70, зборувам за нови 70, нови 40, па 100 милиони  евра годишно па стигнавме чекор по чекор до 150 милиони евра на годишно ниво поддршка за земјоделците, за субвенции, за рурален развој. Тоа се рекордни бројки што се забележани во историјата на нашата држава за поддршка и помош на македонскиот земјоделец, рече Груевски.

За жал, како што додаде, тие рекорди се само во времето кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт и коалициските партнери, но не може да се спореди со времето кога СДСМ беше на власт бидејќи, како што рече, тогаш субвенции не се даваа.

– Значи треба да споредиме нешто денес со нешто што било нула во минатото, нагласи Груевски.

Секоја година средствата предвидени во Буџетот за субвенции растат и Владата, како што рече Груевски, е во постојана комуникација со сите поголеми позначајни здруженија, асоцијации и претставници на земјоделците од Македонија. – Слушајќи ги нивните потреби како стратешки, долгорочно, така и краткорочно актуелните проблеми со кои се соочуваат и потреби за некои големи интервенции од страна на Владата и секогаш тоа го правиме дали е тоа кога имало поплави или тоа е кога има сериозни пазарни турбуленции на цената на одредени производи, секогаш сме тука како Влада да излеземе во пресрет и да им помогнеме кога им е тешко, истакна тој.

Додаде дека од тие причини ќе продолжат да им помагаат на земјоделците, затоа земјоделството е една од позначајните гранки во Македонија од кои опстојуваат поголем број на луѓе.

– Преку формите на здружување во земјоделство, задругарство и преку други форми преку коишто помагаме работите се движат во една позитивна насока, нагласи премиерот.

На прашањето од пратеникот Орце Панчев дали ќе има контрола во работењето на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски одговори дека Државниот завод за ревизија започнал контрола во партијата.

– ВМРО-ДПМНЕ нема да биде прескокната во овогодинешните контроли на политичките партии. Пред некој месец Државниот завод за ревизија побараа документи кои им се потребни и дадоа рок да се соберат и тие документи се предадени. Државниот завод за ревизија ги започна прегледите на целата документација и ќе го завршат извештајот онака како што го прават и за другите политички партии, рече Груевски.

Во врска со купувањето на штабовите на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски рече дека за разлика од СДСМ која приграби државен имот за свои штабови во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ немаше таква можност.

– ВМРО-ДПМНЕ ја искористи можноста што имавме мало парче земја во центарот на Скопје, кое го понудивме на инвеститор да влезе во негова сопственост, да изгради свој објект на тоа место и да овозможи еден дел од тој објект да биде во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Груевски.

На некој начин, како што додаде, земјиштето го заменивме за простории во Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ  во Скопје.

За разлика од нас, како што рече Груевски, СДСМ своевремено прогласувајќи се за наследник на Комунистичката партија на Македонија го присвои целокупниот имот што го имаше КПМ кој што бил создаван и граден од парите на сите граѓани на Македонија во комунизмот, кои морале да плаќаат разни членарини, кои потоа биле користени да се изградат различни објекти кои ги присвои СДСМ.

– Така и просториите каде денеска престојува Владата  во времето на комунизмот биле простории на Централниот комитет на Комунистичката партија, а веднаш по осамостојувањето станале имот на СДСМ . Тие тогаш потпишале договор сами со себе, бидејќи тогаш беа на власт дека ги отстапуваат на државата просториите на Владата кои се градени од народот, а за возврат ги земаат објектот на Министерството за образование, кое денес е Централен штаб на СДСМ. Значи со државен имот размениле државен имот, рече Груевски.

Штабовите на ВМРО-ДПМНЕ низ Македонија, како што нагласи, се купени на законски и легален начин од редовни членарини, донации…, така што Државниот завод за ревизија сега ќе провери и ќе може тоа да се види во извештајот.