Груевски: Владата презема чекори за целосно да им се помогне на луѓето од Дива населба

На првата седница на Владата веднаш по настанот во Куманово беше донесена одлука да им исплати веднаш првична помош на граѓаните во т.н. Дива Населба чијшто имот бил оштететен. Одлучено е да се исплати првична помош во износ од 100.000 ден по семејство, која беше доделена на 125 семејства. Тоа е првична помош за веднаш да им се најдат на семејства кои имаат целосно разрушени куќи или имаат делумно оштетни куќи.

Ова го нагласи претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, одговарајќи на пратеничко прашање на денешната седница за пратенички прашања во Собранието на Република Македонија.

Покрај тоа, Груевски нагласи дека на истата владина седница било одлучено да се формира комисија која во рок од седум дена требаше да направи теренски проценки на оштетените објекти и имотите на лицата кои што живееле во тој дел на Куманово, кои имале оштетен имот движен или недвижен  и по донесувањето на таа проценка и нејзиното усвојување од страна на Владата 100 процентно ќе биде исплатено обесштетување.

– Проценката завршена, на следната седница на влада треба да биде усвоена по што ќе следува обесштетување, рече премиерот.

Во однос на проценката Груевски рече дека над 80 куќи биле оштетени помалку или повеќе, а 16 биле сериозно оштетени.

Покрај ова, тој нагласи дека било одлучено на лицата кои што имаат куќи со големо оштетување, да им се овозможи привремен престој додека куќите не се обноват во други куќи или станови изнајмени под кирија, а износот на киријата ќе биде покриен од страна на владата.

– Владата води сметка и презема чекори со кои што целосно им се помага на луѓето кои што живееја во таа населба и коишто немаат никаква вина за настаните кои се случија таму, а претрпеа штети по нивниот движен или недвижен имот. Дадена е првична помош, следува обесштетување и плус привремен престој во станови или куќи кои што ќе бидат изнајмени под кирија, а која што кирија ќе ја покрива Владата, рече Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.