Груевски: ВМРО ДПМНЕ е партија која не ветува лесно, но ветеното го исполнува

ВМРО-ДПМНЕ е партија која не ветува лесно нереални работи, но ветеното го исполнува. Сите ветувања ги базира на темелни анализи, затоа што кога го даваме ветувањето ние сакаме да сме сигурни дека ќе се исполни. Затоа и народот ни верува, истакна премиерот и лидер на партијата Никола Груевски на отворањето на политичката академија „Политичката комуникација и организација на современа народна партија”, што ја организира Институтот „Павел Шатев“, Фондацијата „Конрад Аденауер“ од Германија, Фондацијата „Едуардо Фрај“ од Холандија и Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од САД.

„И затоа ви порачувам дека оваа наша верност треба да ви биде водилка во вашата активност  од која не смеете да отстапите ниту милиметар. Утре треба народот повторно да го погледнете во очи, а како ќе го погледнете ако сте го измамиле, сигурно не сакате да се чувствувате како политичките противници, кои бегаат од погледи во очите на народот. Мора да продолжиме со нашиот стил, искреноста, реалноста, темелноста, и бидете сигурни дека народот тоа ќе го препознае и ќе го вреднува“, рече денеска Груевски пред учесниците на Академијата.

Од СДСМ, пак, Груевски вели дека очекува дека ќе ветуваат многу нереални работи, кои не ќе можат да ги реализираат, но ќе ги ветуваат за, како што вели тој, да украдат глас повеќе од ВМРО ДПМНЕ.

„СДСМ ќе ветува многу нереални работи, работи кои убаво звучат, но и тие самите знаат дека не може да ги остварат, но ќе одат на тоа така, да украдат некој глас повеќе. Ние не смееме да тргнемме по тој пат и нема да тргнеме. СДСМ знае дека нема да победи, па затоа ќе ветува брда и долини, тие ја немаат истата одговорност. Со нас не е така, ние знаеме дека ќе победиме и она што ќе го ветиме мора да биде реално и да го оствариме, тоа е одговорност“, порача Груевски и додаде дека ќе имаат програма, која како секогаш ќе носи добри проекти и нови можности за граѓаните, реална, мерлива, остварлива, а како гарант за нејзиното остварување се нивните дела и проекти кои ги оствариле претходно.

Затоа, нагласи Груевски, народот ни верува и ќе продолжи да ни верува.