Груевски: ВМРО-ДПМНЕ ги намали даноците на најниско ниво во светот, а СДСМ ветува дека ќе ги зголеми

Живееме во едно време кога СДСМ неможејќи да го победи ВМРО-ДПМНЕ примени темни и мрачни методи, примени заплашувања, притисоци, уцени и многу поткуп кој беше карактеристика во првиот круг од локалните избори, а на тој начин сакаа да речат дека народот ги поддржува и дека имаат други планови со Македонија и потребно им е на нив и на нивните спонзори да изгледаат како спонзори, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митингот во средата вечерта во Чешиново Облешево.

„Тие велат дека ќе ја ре- дефинираат Македонија и тоа веќе го започнаа, а јас ќе ви кажам шест точки со кои што тие сакаат да ја ре- дефинираат Македонија: Првата за која објавија дека веќе започнува после изборите е промена на уставното име и идентитетот на Македонците, втората е Договорот со Бугарија, третото е Законот за двојазичноста, потоа доселување на мигрантите, петтото е зголемување на даноците, како и легализација на хомосексуалните бракови и тие да можат да посвојуваат деца. Тие вршат и поткуп во секоја куќа и населено место, информациите велат дека тие потрошиле 20 милиони евра во поткуп на македонските гласачи, но јас ќе им порачам дека нема да не скршат“, рече Груевски.

Додаде а и дека зголемувањето на даноците не го кријат туку се фалат дека ќе ги зголемат даноците.

„ВМРО-ДПМНЕ ги намали до тој степен даноците што имаме најниски даноци во светот и тоа е добро за секој човек бидејќи повеќе пари остануваат во неговиот џеб или на контото на неговата фирма, а сега новата влада се фали дека ќе го зголеми персоналниот, данокот на добивка како и ДДВ. Денес слушнав изјава на потпретседателот на Владата, Анѓушев, вели дека „зголемувањето на даноците нема да биде на штета ниту на граѓаните ниту на компаниите, дури и од корист ќе им било“, потенцираше Груевски.

Посочи дека е евидентно како СДСМ спроведуваат избори и порача дека нема да ги скршат и дека секој оној кој тргнал против својот народ лошо завршил.

„Ние ВМРО секогаш остануваме со вас, рамо до рамо да ги победиме и да ги поразиме, ВМРО од секогаш била со народот и во добро и во лошо, сега се тешки времиња, но ќе дојдат нови. Красниќи на слободна, а Едмонд Темелко, човек кој што е борец за човекови права на Македонците во Албанија, единствен градоначалник надвор од границите на Македонија, тој во затвор. Убијците на децата во Смилковското езеро ќе ги пуштаат на слобода, а дедото за кубење коса, четири години затвор“, рече Груевски.

Кажа дека немилите настани кои се случени на 27-ми април биле немили сцени кои не требало да ги има, но дека биле намерно испровоцирани. Тој кажа и дека кога гледаат колку криминалци се ослободуваат од затвор и гледаме како се апсат овие луѓе тоа е неправда и најави дека целосно ќе се застане зад нив.

„Во оваа општина во 2006 кога дојдовме на власт имаше 560 вработени, а на крајот на 2016 беа регистрирани 1570 вработени и тоа е скоро три пати повеќе вработени лица во Чешиново Облешево. Во иднина ќе обезбедиме и бесплатен здрав оброк за секое дете од прво до петто одделение во училиштата, а со тоа и родителите ќе заштедат повеќе пари. Општината ќе овозможи и стекнување на сопствен дом на сите граѓани за само по едно евро за квадрат како почетна цена, а освен тоа и укинување на комуналиите за градење на куќа. Нудиме концепт во кој ќе нема неасфалтирана улица и ќе има парк во секое маало“, рече Груевски.