Груевски: ВМРО е жива, работиме со полна пареа, добро знаеме како од опозиција да се вратиме повторно на власт

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во интервју за ТВ Нова, кажа дека партијата знаела како е да се биде во опозиција, но и дека знае како да се врати од опозиција на власт.

„Добро знаеме како од опозиција да се вратиме повторно на власт, со тоа што сега состојбата е далеку подобра, бидејќи ние уживаме најголема поддршка од граѓаните во самиот старт кога сме во опозиција. Во 2002 се сеќавам дека во самиот старт, анкетите беа 31 процент за СДСМ, 8 за ВМРО-ДПМНЕ, сега во предност е ВМРО-ДПМНЕ. Ја имаме поддршката, победивме на изборите, што не значи дека не треба да работиме и натаму да ја заслужуваме довербата на граѓаните, таа не е еднаш засекогаш заслужена, таа треба да се заслужува со многу резултати“, рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека од позиција на опозиција ќе проба да им помогне на граѓаните со разни предлози, бидејќи веќе не е во позиција да може да ги исполнува проектите на кои граѓаните беа навикнати. Тој кажа дека се тука и за да критикуваат и кажуваат проблеми

„Нѐ има на терен, екипи од партијата се постојано на терен, посетуваме околу илјада села низ целата Македонија, посетуваме и градови. Се подготвуваме внатре во партијата за локалните избори, работиме на формирање на нови комисии кои што треба да бидат ударната тупаница на ВМРО-ДПМНЕ, тие треба да бидат еден пандан на државните институции“, изјави Груевски.

Рече дека е во процес и избор на новиот Извршен комитет, највисокото тело на партијата.

„Во процес сме на формирање нов извршен комитет, бидејќи неодмана заврши мандатот на претходниот. Во полна пареа се работи во ВМРО-ДПМНЕ, оние кои што не посетуваат во штабот не им се верува кога ќе дојдат и ќе останат до 12, до 1, до 2 часот на состаноци. Баш синоќа имав една таква ситуација, еден од присустните гости вели, јас мислев дека се збори дека се работи тука многу, ама тука е 2 саат, а вие држите уште состаноци. Така што ВМРО е партија која е жива, ВМРО е партија во којашто се работи и партија во којашто е така структуирана во која ситуација и да ја ставите секогаш ќе работи за подобро на државата“, додаде Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.