Груевски: Во 2015 година најмалку 25 компании ќе инвестираат во Македонија

Фактот што светската банка не сврстува во 30-те најдобри земји во светот според условите за водење бизнис, ни гарантира успех и за 2015-та, а досега стекнатото искуство, ми дава за право, ако минатата година ветив дека најмалку 20 странски компании ќе донесат и објават одлука за инвестирање во Македонија, што и се оствари и надмина, сега можам да ветам дека најмалку 25 нови компании во 2015-та ќе го направат истото.

„Да, во 2014-та одлуки за отворање свои капацити донесоа и објавија, а дел од нив почнаа и со градба и првични вработувања, германската ОДВ Електрик во Охридско-струшкиот регион која почна да вработува и планира да вработи вкупно 1000 невработени лица, а во истиот регион истото го објави и германската Костал исто така со 1000 вработувања. Германската Ки Сејфти системс веќе почна да регрутира вработени, а планира да вработи над 1000 лица во Кичево, а германската Маркард веќе ја гради фабриката кај Велес во која почна веќе да ги селектира дел од 600-те планирани вработувања. Германскиот Техникал текстаил, кој веќе гради во штипската зона, ќе отвори нови 600 работни места. Две компании објавија свои инвестиции во Прилеп, едната е американската Етанол Јуроп Рињујабле која планира вработување на 1000 лица, а втората германската Гентерм, која планира вработување на 2000 невработени“, вели во своето новогодишно обраќање премиерто Никола Груевски.

Тој додаде дека Веибо груп од Турција веќе донесе механизација во Ранковце и почна да го подготвува теренот за градба на неколку фабрики во кои планираат да вработат најмалку 5.600 лица. Тие ќе понудат работа за цел регион каде се Крива Паланка, Кратово, Пробиштип и Куманово. На истокот, во регионот Кочани-Виница, американската коорпорација Анфенол почна да вработува и планира да достигне до најмалку 2000 лица, како и холандската Антура, која го гради својот капацитет во кој планира да вработи 200 невработени.

Пред две недели американската Капкон објави изградба на фабрика кај Скопје за 400 невработени. Во скопската зона веќе гради фабрика Диатек од Италија каде ќе се вработат најмалку 200 лица, а во истата зона се определија и објавија одлука Монтанте од Италија и фирмата Енергија од Украина. Британската Еуро БПО веќе почна со работа во Скопје, а планира да достигне до 350 лица, британската компанија Ендава објави вработување на најмалку 450 информатички инжињери во Скопје, а на листата се и Менсан од Турција, бугарската Филкаб, ИТЕК од Италија, кој почна да гради во Тетово, Гришко од Русија кој ја најави втората фаза во Демир Хисар со 200 нови вработувања, Истем медикал од Турција, турските про лајн и мач груп и повеќе други.

Она што посебно ме радува е што тимот за привлекување инвестиции, каде се петте министри за инвестиции, директорот на зоните, заменик министерот за економија, заменикот директор на Агенцијата за странски инвестиции, мојот советник за странски инвестиции, новиот сектор во мојот кабинет за привлекување инвестиции, разгранетата мрежа на промотори во над 30 индустриски центри низ светот, како и амбасадорите и генералните конзули, сите се во моментот, заедно со вработените кај нив, заедно со мене, со потпретседателите на Владата, и целата Влада, со поддршка на дијаспората, и сособено на организацијата Македонија 2025 предводена од Мајк Зафировски, една силно забревтана машина, добро организирана, со големо искуство и многу посветена на привлекувањето нови компании кои ќе отворат нови работни места за невработените во Македонија. Паралелно на ова, остануваме многу посветени и на домашните компании, како во правец да им помогнеме за нивниот развој, така и во правец да ги поврзиме со странските кои доаѓаат, да станат нивни партнери и преку тоа да заработат и да отворат нови работни места.

И не е случајно што невработеноста во 2014та континуирано се намалуваше, и достигна 27,9, што се уште е високо, но многу пониско од 38-те отсто кои ги наследивме. И не е случајно што индустриското производство расте 15 месеци по ред и со раст од 5,2 имаме петти највисок раст во Европа на индустриското производство, а државниот долг остана низок до умерен со околу 39 отсто. Покрај новите компании, растот на извозот и иградежништвото имаше и ќе има многу работа и во 2015-та.