Груевски: Во 2015 продолжува инвестицискиот бран во здравството

Во 2015-та, како и во 2014-та ќе продолжи силниот инвестициски бран во здравството, но и понатамошни системски мерки за подобрување на организацијата на здравството, условите за пациентите, условите за лекарите и медиционскиот персонал, обуките во најнапредни и најреномирани болници и клиники во Европа и во Америка на нашите лекари и медицински сестри кои наместо по 500 годишно како досега, ќе бидат по 1000 обуки годишно од 2015-та, што силно ќе го зголеми знаењето и искуството и ќе овозможи подобра здравствена услуга за сите во Македонија, вели во новогодишното обраќање премиерот Никола Груевски.

„Во 2014-та стартуваше државната кардиохирургија за која се говореше 20-30 години, но и неонаталната кардиохирургија, под раководство на најдобрите лекари од Америка во оваа област. Заради процедурите на банката за развој при Советот на Европа задоцни градбата на новиот објект на комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје, како и на Штипската клиничка болница, и нивнта градба ќе започне во првите 4 месеци од 2015-та година. Во 2014-та во комплексот клиники Мајка Тереза се заврши гасификацијата, а почна процедурата за изградба на гасна топлана за произвоство на електрична и топлинска енергија за потребите на овој комплекс кој ќе донесе многу заштеди. Се гасифицираше и Градската болница „8ми септември“. А, кога сме кај заштедите, во 2014 се остварија крупни заштеди со воведувањето на т.н.паралелен увоз на лекови и разбивањето на монополите во фармацевскиот бизнис, кои ќе се одразат и во 2015-та со вкупна заштеда од околу 14 милиони евра, пари со кои следната година ќе се реновира прилепската и битолската болница, кумановската ќе добие ургентен центар, а Клиниката Св.Наум Охридски во Скопје, како и некои други болници и клиники ќе добијат дополнителна опрема“, додава тој.