Груевски во Брисел ќе се сретне со Хан и Булц

Премиерот Никола Груевски денеска во Брисел ќе присуствува на заедничка средбата на премиерите од државите од Западен Балкан со еврокомесарите за преговори за проширување Јоханес Хан и за транспорт Виолета Булц.

Како што јавува МИА, целта на средбата е разгледување на интегрирањето на копнениот, речниот и воздушниот сообраќај на Балканот во заедничката европска мрежа, како и инвестициска соработка и поддршка на Унијата за конкретни инфраструктурни проекти важни за регионот.

Како што е предвидено во програмата на Европската комисија, на овој настан ќе присуствуваат шестмина премиери – од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и од Косово, на кои ќе им бидат претставени конкретни предлози за проекти. Оваа средба е континуитет на активностите кои следеа по конференцијата минатата година во Берлин и министерските состаноци во Белград и Приштина.

Процесот за дефинирање на Главната мрежа беше инициран од Европската комисија, која ги презентираше нацрт-мапите за Главата инфраструктурна мрежа. Идејата е да се поврзат главните градови, поголемите градови, аеродромите, како и да се осигура дека сите инфраструктурни инвестиции и технички стандарди се исполнети со што ќе се гарантира економски напредок и добра инфраструктурна поврзаност.

Република Македонија има непосреден интерес од реализација на зацртаната Главна патна мрежа од страна на ЕУ, која ги вклучува Коридорот 10 и Коридорот 8. Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи и транспорт на земјите од регионот, најави дека Европската унија ќе издвои милијарда евра за подобрувањето на инфраструктурата во земјите од западен Балкан.

Инаку, Република Македонија во моментот активно ја реализира изградбата на преостанатиот дел од автопатската делница од коридорот 10, како Демир Капија – Смоквица, како и изградба на дел автопатот од Коридорот 8: Кичево – Охрид, како и автопатот Скопје – Штип.

Премиерот Груевски во Брисел е придружуван од владина делегација во која се потпретседателот на македонската Влада задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Покрај настанот на кој ќе присуствува со останати пет свои колеги од земјите од Балканот, премиерот Груевски во Брисел се очекува да оствари и повеќе политички средби за време на својот престој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.