Груевски: Во интерес на државата подготвен сум да разговарам за се’

За време на гостувањето во Дневникот на Македонската радио-телевизија премиерот Никола Груевски потврди дека закажаната средба со лидерот на СДСМ ќе биде одржана во вторник.

Тој истакна дека кога станува збор за интересот на државата и на граѓаните кои живеат во неа е подготвен да разговара за се`.

– Не би сакал однапред да кажам што е прифатливо, а што не е прифатливо, не би сакал со ова интервју да ги убијам тие разговори кои што следуваат, мислам дека разговорите ќе почнат во вторник и би требало да се има еден разумен пристап од двете страни и да се најде начин како да затворат овие проблеми со коишто се соочуваме, коишто дојдоа после некои неразумни одлуки на опозицијата, да не навлегувам во тоа, мислам дека доволно беше кажано во изминатиот период околу мотивите зошто СДСМ и нивниот претседател излезе на таков начин во јавноста, сега повеќе би се задржал на иднината а иднината е да се затворат прашањата коишто и прават штета на државата. А ова неразумно однесување бојкоти и слично сите знаеме дека и прават штета на државата, истакна Груевски.

Премиерот смета дека најверојатно ќе има повеќе од една средба, бидејќи како што вели тој, со една средба не би можеле да се решат сите прашања.

– Не ми изгледа таква атмосферата од другата страна на една средба да ги затвориме сите прашања. Инаку што се однесува до мене мислам дека до средба не ни мораше да дојде, проблемите се вештачки креирани од другата страна, рече премиерот во Дневникот на МРТ.

На крај тој рече дека се надева дека во разговорите со Заев во разумен период ќе биде пронајден начин како да прекине правењето штета на државата и сите граѓани во неа.