Македонија,Политика

Груевски: Во Крива Паланка ќе се гради најголемата фабрика за текстил во Европа

Груевски:  Во Крива Паланка ќе се гради најголемата фабрика за текстил во Европа

Компанијата „Веибо груп“ ќе инвестира во технолошко-индустриската зона Ранковце и ќе стане главен работодавач во земјава, со 5.000 нови  директни вработувања  и уште 1.000 до 2.000 индиректни вработувања за жителите на општините од североисточниот регион, Крива Паланка, Ранковце, Кратово и Куманово, најави  премиерот Никола Груевски на денешниот митинг во Крива Паланка.

Груевски истакна дека фабриката која ќе се изгради на само 13 километри од Крива Паланка ќе биде најголемата интегрирана фабрика за текстил во Европа, со почетна инвестиција од 180 милиони евра и вкупна инвестиција од над 400 милиони евра. Изградбата, како што рече, ќе започне во октомври годинава, а со производство се очекува во 2015 година.

„Само во изминатите три недели девет странски компании објавија дека ќе инвестираат во разни региони од земјава, со што ќе бидат отворени уште повеќе нови работни места во Македонија. Вака се работи на запирање на иселувањето на младите од државата, вака се враќаат насмевките на лицата на народот, вака се работи на намалување на невработеноста, која во времето на светска економска криза од 38 проценти ја намаливме на рекордни 28 проценти стапка на невработеност, со отворени 120.000 нови работни места, а во следниот период од 4 години предвидуваме уште 64.000 нови работни места, рече Груевски.

Кандидатот за втор претседателски мандат од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Макеоднија“, Ѓорѓе Иванов на кривопаланчани им се заблагодари што се дел од, како што рече, големата разлика од 123.000 гласови остварена во првиот круг на претседателските избори на 13 април.

„Сто дваесет и три илјади гласови се голема разлика, а се надевам на 27 април таа ќе биде уште поголема, потребни ни се над 500.000 гласови во недела на двата изборни процеси,  кои ќе бидат потврда дека политиката која ја водиме е исправна и ќе бидат потврда дека не сме ја изневериле вашата доверба“, рече Иванов.