Македонија

Груевски во Лондон на конференција на ЕБОР

Груевски во Лондон на конференција на ЕБОР

Премиерот Никола Гуевски денеска заедно со колегите од регионот во Лондон ќе учествува на конференција на тема „Инвестирање во Западен Балкан“ во организација на Европската банка за обнова и развој.

Како што јавува известувачот на МИА, се очекува премиерот пред присутните да се осврне на соработката со ЕБОР, можностите и капацитетите за нејзино интензивирање, како и за стратешките инфраструктурни проекти на Владата во сферата на патната инфраструктура, изградбата на Коридорите 8 и 10, инвестициите во  енергетиката, железницата и посветеноста кон привлекување инвестиции како механизам за обезбедување економски напредок на државата и перспектива за развој на регионот.

Темите на кои учесниците ќе дискутираат на конференцијата се диверзификација на енегија во Западен Балкан, улогата на новите извори и патишта за снабдување, инфраструкура во услови на рестриктиен буџет и улогата на приватниот сектор како и можностите за трговска интеграција на регионот.

На конференцијата на тема „Македонски модел за подобрување на бизнис климата“ ќе има и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо. Тие ќе се осврнат на моделот кој се воспоставува за развој на бизнис климата. Ќе ги потенцираат и образложат реформите и механизмите кои Република Македонија ги презема за привлекување инвестиции, поволниот даночен пакет, погодностите за инвестирање во развојните зони кои го сочинуваат македонскиот модел за подобрување на бизнис климата.

Целта на средбата е иницијатива за нов пристап на економско управување кој бил разговаран во ноември минатата година на состанок на високо ниво меѓу Европската комисија и главните меѓународни финансиски институции, при што било договорено како најдобро да ги координираат напорите во периодот 2014-2020 и во рамки на нивниот мандат да го поттикнат растот во земјите од Западен Балкан.

Во минатата година ЕБОР инвестираше во повеќе од 80 проекти во Западен Балкан 1,2 милијарди евра. Досегашната вкупна инвестиција на ЕБОР во регионот во сите овие години е околу 10,5 милијарди евра.

ЕБОР во Македонија е активна од 1993 година и е еден од најголемите инеститори во земјата. Заклучно со јуни 2013 година има одобрено 82 проекти со вредност од 2,174 милиони евра. Најголемиот дел или 56 проценти од проектите се во инраструктурата, 26 во енергетиката, 11 во финансискиот сектор и 6 проценти во иднустријата, трговијата и агробизнисот.

Конференцијата во Лондон ќе ја отвори претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти, министерот без ресор во Владата на Обединетото Кралство Кенет Кларк, комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Штефан Филе.  Покрај премиерот Груевски најавено е учествво на премиерот на Хрватска Зоран Милановиќ, на Албанија Еди Рама, на Србија Ивица Дачиќ, на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на Косово Хашим Тачи, како и претседавачот со Советот на министри на БиХ Вјекослав Беванда.

Премиерот Груевски во текот на попчадневните часови ќе се сретне со членови на Домот на лордовите на Парламентот на Обединетото Кралство каде ќе се разгледаат можностите за јакнење на британската поддршка во европските и евроатланските интеграции.