Груевски во Мадрид се сретна со норвешката премиерка

На маргините на Конгресот на ЕПП во Мадрид, премиерот Никола Груевски денес имаше средба со норвешката премиерка Ерна Солберг.

Соговорниците, информираат од владината прес-служба, дадоа позитивна оценка за меѓусебните односи кои ги карактеризира пријателство, меѓусебно почитување и поддршка.

Премиерот Груевски ја информираше норвешката колешка Солберг за економско-политичката ситуација на Македонија, за реформите кои се преземаат и за посветеноста на Владата за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Солберг ја потврди поддршката на Норвешка за македонската интеграција во НАТО. Посочи дека Норвешка е пријател на Македонија.

Двајцата премиери изразија заемна подготвеност за дополнително продлабочување на односите, особено во економијата и искористување на потенцијалите кои стојат на располагање.