Груевски во „Опуштено“: Ми недостасува слободно време и анонимност

Премиерот Никола Груевски во забавната емисија „Опуштено“ која се емитуваше на МТВ, зборуваше за своето детство, љубовта кон спортот посебно фудбалот и боксот, неговата неостварена желба театарот, приватните моменти со семејството.

Премиерот зборуваше за детството во Мичурин, Ѓорче Петров и Капиштец. Од детството ги памети безгрижни игри на улица, смеата, тепачките.

„ Роден сум во Мичурин, девет години живеев во Ѓорче Петров, а потоа дваесет години во Капиштец. Сум имал убаво детство. Владееше законот на улицата.Кога ќе се нарушеше хиерархијата настануваше тепачка, потоа таа хиерархија пак се воспоставуваше.Фудбалот беше главна преокупација на улицата каде што израснав на улицата „ Христо Батанџиев“. Од таа улица потекнуваат Бобан Бабунски, Илчо Георгиевски, па и преку 10 репрезентативци во фудбал потекнаа од таму,“ изјави премиерот кој барем еднаш неделно во последните осум години игра фудбал.

За една од неговите најголеми љубови во спортот, боксот, Груевски изјави дека го заразил неговиот вујко Јордан Мијалков, кој  бил голем вљубеник во боксот, претседател на Македонската федерацијата на бокс. Прв тренер му бил Миле Смилевски.

„ Боксот е добра школа за во животот. Преку него се учат лекции за животот. Има една многу важна психолошка димензија односно се раѓа чувството за одбрана, чувството за напад, чувството за почит на противникот или како можеш да згрешиш ако го потцениш. Најважно што научив на првиот тренинг е дека во боксот ако не си подготвен кондиционо и ако не познаваш техника, не излегувај на терен,“ изјави Груевски.

Премиерот зборуваше и за неговата љубов кон театарот, кога по завршувањето на средно училиште сакал да се запише на филмска режија. Од оваа намера го одвратиле неговите најблиски и неговиот вујко Мијалков.

„Кога завршив средно училиште на мојата ранг листа ми беа филмска режија, економија, право. Кога соопштив дома, наидов на шок и по долго убедување од моите најблиски се откажав. Се запишав на економија кон која исто така имам голема љубов. Кога се запишав на Економски факултет се задлабочив во него, а театарот ми остана хоби. Денски учев, навечер одев во театар и излегував. Преку ден подготвував испити, навечер одев на проби во театар,“ изјави премиерот.

Во светот на театарот влезе преку групата на аматери која ја водел актерот Мите Грозданов, а премиерот до сега играл во 188 претстави меѓу кои во „Чија си“, „Грев или шприцер“ и „Хамлет“.

„Има многу добри актери како Ненад Стојановски, Мите Грозданов, Мето Јовановски, Никола Ристановски,“ изјави Груевски.

Во однос на семејството, Груевски истакна дека со сопругата и ќерките Анастасија и Софија сакаат да прошетаат на Водно, во Парк, во Центар. Секое слободно време го користи да си игра со нив. А, за улогата како татко вели дека тешко се опишува со зборови, туку само се доживува.

„Тешко се опишува со зборови.  Брзам порано да се вратам дома и кога можам повеќе играм и се забавувам со нив. Колку и да сум изнервиран, брзо поминува со едно „Ајде да си играме. Те чекам да си играме. “ Најчесто слободното време го поминуваме дома, во парк, на водно, во центарот на градот. Некаде каде што може да се трча. Се трудам обезбедувањето да не биде дел од нас, се бунат кога ќе наредам да си одат, но тие најечсто остануваат. И кога ќе им забележат тие знаат да одговар дека кога вип-от ќе ви рече да си одите, а правилата не дозволуваат, дозволено е и да се излаже,“ вели Груевски.

Премиерот потенцираше дека ќерките Анастасија и Софија се труди да не ги оптоварува со политика, а во однос на исполнувањетожелби за купување, вели дека се труди да им удоволи, но не премногу туку умерено.

„Добро е да се купуваат играчки, но не премногу туку умерено. Сакаме еднаков третман кон ќерките, да не бидат ништо повеќе ништо помалку. Ако имаат специјален третман, тоа ќе им штети. Се трудиме да го насочиме кон спорт, јазици и прошетки,“ изјави тој.

Груевски најави дека ќе бидат изградени Велешкиот и Струмичкиот театар и зградата на Филхармонија:

„ Кон крајот на февруари треба да најдеме концесионер за Драмски театар, стариот МНТ  друг да ги изгради, како деловен простор за нив, а Театарот да биде во карабина и да заштедиме во градба.“

Во однос на Македонија, премиерот вели дека кај нас има паметни и интелигентни луѓе на кои им недостатсува иницијатива и самодоверба за да започнат нешто ново како во бизнисот така и во други области. Неговото мото е упорноста, да се докаже вистината и да се успее во сонот.

„По неколку години, политичката маглата ќе падне и ќе останат делата па луѓето ќе расудуваат дали е добро. Децата би сакал да живеат во Македонија каде ќе има посреќни луѓе, поквалитетен  живот, повеќе можности за работа, образование и  забава, како што е во големите градови,“ изјави премиерот.

Тој истакна дека како премиер она што понекогаш му недостасува се слободното време, анонимноста и повеќе време за спортски активности, семејство, забава.

Она што им порача на другите е да го извлечат најдоброто од себе и тоа да ги направи среќни.