Груевски во Ватикан, ќе се сретне со папата Франциско

Премиерот Груевски од денеска е во посета на Италија и Ватикан каде што допатува со комерцијален лет од Цирих. Во рамки на посетата предвидени се поголем број активности и средба со папата Францис. Остатокот од делегацијата вчера вечер допатува со комерцијален лет во Скопје, oбјави телевизија Телма.

-Владиниот Лир Џет кој имаше технички проблеми е во Нирнберг каде се веќе пристигнати инспектори и пилоти од македонските институции и каде заедно со овластениот сервисер работат на утврдување на причините за дефектот и проверка на функционалноста на авионот, соопшти за Телма владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Владиниот Лир џет во кој бил премиерот Никола Груевски и делегација која се враќала од Стразбур вчера попладне принудно слетал во Цирих. Според информациите на портпаролот Ѓорѓиев, присутните во авионот кажале дека се слушнал гласен и продорен звук по што дошло до пореметување на внатрешниот притисок. Пилотот веднаш се обидел да ја намали висината за да се обиде да го намали притисокот и според  протоколот за  вакви ситуации да го слета авинот на најблискиот аеродром.

Лирџетот досега неколкупати имал технички проблеми. Пред седум години откажаа сензорите во авионот поради прекин на жица со која биле поврзани 18 системи на леталото.

Потоа неколку пати откажала електрониката. Еднаш и моторите на авионот не стартуваа заради што не полета за Сочи на отворање на олимпијадата. Тогаш во авионот беше претседателот Ѓорге Иванов со сопругата, објави Телма.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.