Груевски: Во завршна фаза се Велешкиот и Струмичкиот театар, се бара концесионер за Драмски и МНТ

Премиерот Никола Груевски во емисијата „Опуштено“ изјави дека годинава треба да бидат завршени Велешкиот и Струмичкиот театар, а се бара и концесионер за Драмски театар и стариот објект на МНТ.

„Годинава терба да бидат завршени Струмичкиот и Велешкиот театар. Размислувавме за театарот во Охрид, но треба да биде завршена и салата на Филхармонија. Затоа не можеме ништо да ветиме за Охридскиот театар,“ изјави премиерот.

До крајот на февруари треба да се најдат концесионери за изградба на Драмскиот театар и старата зграда на МНТ. Идејата е концесионерот да изгради деловен простор и делот предвиден за тетар да го остави карабина, која државата ќе ја доврши во објект театар.

Тој се осврна и на состојбите во театарот и културата и истакна дека за овие 20 години никој не вложил во овие области како неговата Влада.Како анегдота раскажа за кофата во Драмски театар која постојано ја гледал кога одел, па прво нешто што направил како премиер, ја тргнал со тоа што просторот се реновирал. Се осврна и на филмската уметност за која истакна дека оваа година ќе биде завршено снимањето на уште неколку филмови. На ова, водителот Тони Михајловски се надоврза дека до сега никогаш во историјата на македонскиот филм, за една година не биле снимени толку многу филмови.

Груевски исто така кажа дека со основањето на театарот Комедија всушност сакаат да привлечат поголем број на публика во театрите.

„Комедијата е лесен жанр, која привлекува повеќе посетители од било кој друг жанр. Се надеваме дека преку неа, ќе ги заинтересираме луѓето, па ќе посетуваат и друг театар,“ изјави Груевски.

Ова вложување во театарот потекнува од неговата љубов кон глумата, бидејќи и самиот лично како аматер актер има играно во 188 претстави, меѓу кои „Грев или шприцер“, „Хамлет“ и „Чија си“.  Кога завршил средно училиште сакал да се запише на филмска режија во Прага. Но откако одлуката паднала за студии на Економскиот факултет, глумата му останала хоби. Бил дел од аматерската драмска екипа на актерот Мите Грозданов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.