Груевски: Време е да се исполни обврската за избори на 24 април

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски во своето обраќање до јавноста по повод временото повлекување рече дека во изминатиот период Владата направи многу компромиси, со што ја исполни својата обврска. Како што рече, изборите треба да се закажат за 24ти април. Сега е време да се исполни оваа обврска.

Ние направивме многу компромиси. Дури бевме и критикувани дека премногу сме биле компромисни и премногу сме попуштиле. Ние тоа го правевме свесно и за доброто на државата.

СДСМ доби двајца министри со ресор и три дополнителни заменици министри. Нашата обврска беше исполнета во целост.

Се одбра специјален обвинител со целосни услови за непречено да работи. Нашата обврска беше исполнета во целост.

Беше одбран составот на Државната изборна комисија каде опозицијата има своја доминација и секретар и претседател од своите редови. Нашата обврска беше целосно исполнета.

Изборниот закон беше променет согласно барањата на опозицијата, а со посредство на меѓународната заедница. Нашата обврска беше исполнета.

Изборите треба да се закажат за 24ти април. Сега е време да се исполни оваа обврска, рече Груевски.

Посочи дека за жал, неодамнешните изјави од страна на СДСМ фрлаат сенка врз овој дел од договорот.

Ова е јасна замка за да се држи нашата земја во заложништво, да се држи во криза, конфликтност и да се оспори правото на народот да ги одбира луѓето кои мисли дека треба да ја предводат државата. Јас сум против ова кочење и против ваквото држење во заложништво на целата држава, рече тој.