среда, 23 август 2017  |  Вести денес: 46

Груевски за АФП: По изборите на 5 јуни подготвени сме за нови, сакаме заслужена победа

Поврзани вести

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за француската новинска агенција АФП најавува дека сака заслужена изборна победа, и дека партијата ќе биде подготвена за организирање на дополнителни избори, веднаш по изборите на 5 јуни.

Груевски вели дека не е изнајдена уставна можност да се откажат изборите на 5. јуни и покрај бојкотот на СДСМ, ДУИ и ДПА.

– Се наоѓаме во многу непријатна ситуација при што само една од четирите големи партии учествува на изборите. Мојата партија ќе биде подготвена веднаш по формирањето на новото Собрание да се организираат дополнителни избори и да им се даде шанса на граѓаните да изберат. Сакаме заслужена победа, изјавил Груевски за АФП.

Француската новинска агенција вели дека, според анкетите, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ со леснотија ќе победат на изборите и имаат висока поддршка меѓу јавноста, и покрај обвинувањата од страна на опозицијата за авторитарност и намалување на медиумските слободи.

Груевски, во интервјуто, вели дека генерално претставниците на меѓународната заедница не поддржуваат одржување на избори на 5 јуни, но се уште никој не предложил начин за одложување на изборите кој ќе биде во согласност со македонскиот Устав. АФП потсетува дека изборите требаше да се  одржат при крајот на април, но веќе беа одложени поради забелешките на опозицијата.

Агенцијата АФП пишува дека во Македонија продолжуваат протестите на по неколку илјади демонстранти кои се собираат секоја вечер во рамките на „Шарената Револуција“, при што фрлаат балони со боја по неокласичните згради во центарот на Скопје, во знак на протест по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува 50-ина лица.

Груевски за АФП вели дека бил изненаден од одлуката на претседателот за помилување. – Ја разбирам перцепцијата од надвор, но времето ќе покаже кој бил во право, а кој не е, вели Груевски.

Најчитани вести