Груевски за „Ди пресе“: Развиваме добра економска политика, затоа граѓаните гласаат за нас

Македонија ќе добие Центар за трансплантации со врвни лекари и научници
Македонија ќе добие Центар за трансплантации со врвни лекари и научници

Премиерот Груевски во интервју за реномираниот австриски весник „Ди пресе“ одговара на повеќе актуелни теми и прашања поврзани со Република Македонија. Тој истакнува дека граѓаните одлучуваат на кого му ја даваат довербата, објави „Курир“.

– Ние се согласуваме да има нови избори и кон крајот на јули, но опозицијата настојува истите да бидат одржани во април. Граѓаните се тие кои треба да одлучат кој треба да биде во Владата а кој во опозицијата.

Груевски за интервјуто за „Ди пресе“ објаснува за тоа како бил уценуван со креираните материјали од лидерот на опозицијата Заев за формирање на техничка влада.

– Минатиот април мојата партија ги доби изборите. Немаше неправилности. И покрај тоа, лидерот на социјалдемократите не ги признава изборите и бара формирање на техничка влада. Кон крајот на август ми беше пренесено од десеттина до 15 луѓе дека Заев зборувал наоколу дека има снимки од телефонски разговори, со кои планирал да врши притисок над мене и мојата партија. Тој сакаше да постигне формирање на експертска влада. Кон средината на септември добив СМС од Заев каде тој бараше да одржиме средба. Ги известив надлежните дека сум под закана. Јавниот обвинител нареди да ги снимам разговорите со Заев. Заев ги сподели со мене аудио снимките и изјави дека е подготвен да го споделува материјалот. Тоа не е добро за државата и затоа мора да дојде до формирање на експертска влада. Јас бев под притисок, посочува Груевски.

Премиерот во интервјуто истакнува дека при тие уцени Заев кажал дека материјалите му се од странски тајни служби.

-Заев ми кажа дека му се од странски тајни служби. Но не ми кажа од која странска служба. Во меѓувреме, надлежните органи открија кој се е вклучен во операцијата. Поранешниот Директор на ДБК од времето на социјалдемократите Зоран Верушески, соработувал со двајца вработени во Министерството за внатрешни работи. Двајцата соработници признаа дека биле ангажирани од страна на Верушески и странските служби во изминатите четири години за пари. Верушески не го објави името на странските служби, додава Груевски.

Во однос на содржината на аудио снимките претседателот на Владата посочува дека тие се сечени и прилепувани и насочувани со погрешен наратив даван од Заев.

-Аудио снимките се монтирани и сечени со цел да се изврти реалноста. Апсолутно верувам во тоа. Заев ги прикажува режираните снимки на своите прес конференции презентирајќи ги во погрешен, лажен контекст, додавајќи дека нема корупција на највисоко ниво, но тоа е сепак надлежност на судовите, истакнува Груевски.

Во однос на обвинувањата за недостиг на медиумска слобода премиерот во интервјуто посочува, дека Македонија не се соочува со проблем на недостиг на медиумска слобода. Проблемот е што медиумите се партиски поделени: ја поддржуваат или Владата или опозицијата. Многу мал дел од нив се неутрални.

Тој во интервјуто говори и за тоа дека заканата за одземање на препораката за продолжување на процесот на преговори и пристапување кон ЕУ доколку не се реши кризата е реалност и дека се залага за спроведување на чисти избори.

-Недобивањето на препорака од страна на Комисијата за нас ќе претставува чекор наназад. ЕУ Комесарот Хан навистина ни помогна. На 2 јуни постигнавме договор кој предвидува организирање на избори во април. Дотогаш решението е основање на комисија за истражување во Парламентот. Ние се залагаме за кристално чисти избори, посочува Груевски.

Во однос на етничките прашања поврзани со Македонија и инцидентот во Куманово каде беше разбиена криминално терористичката група Груевски истакнува дека Албанците се целосно интегрирани, и се дел од Владата.

-Во Куманово не настана меѓуетнички конфликт, туку стана збор за 30-часовна борба меѓу припадниците на македонските безбедносни сили и  криминални терористи кои се од соседно Косово, додава Груевски.

Во однос на напредувањето кон ЕУ и НАТО Груевски посочува дека тие остануваат да бидат приоритети и покрај сериозната препрека со Грција.

-Во 2008 година ги исполнивме сите критериуми потребни за влез во НАТО. Во 2009 година Европската Комисија даде препорака за отпочнување на преговорите. ЕУ земјите не преземаа многу активности со кои би и го олесниле патот на Македонија кон ЕУ. Јас сум сигурен дека доколку досега преговорите со ЕУ беа почнати, немаше да се соочуваме со тој проблем. Моето чувство е дека ЕУ е 100% сконцентрирана на кризата со Грција и нема капацитет за било што друго, објаснува Груевски.

Премиерот посочи и дека се труди да има нормални односи со Грција и премиерот Ципрас кому му се јавил по стапувањето на должност премиер на Грција.

-Му се јавив по изборите и му предложив директни преговори. Тој вели дека треба да се сретнеме кога ќе дојде време и ги повтори ставовите на претходните влади во однос на позициите на името, истакна Груевски.

Премиерот истакнува дека и покрај застојот во интеграциите поради спорот за името, Владата е целосно фокусирана кон спроведување економски реформи, отворање на нови работни места и водење на добри економски политики поради што владата е поддржана од граѓаните.

-Во 2006 година стапката на невработеност изнесуваше 38%, додека денес иако повторно висока, изнесува 27.3%.Успеавме да отвориме 130.000 работни места благодарение на странски инвеститори привлечени поради најниските даночни стапки во рамки на ЕУ. Јавниот долг кој изнесува 36% од БДП е умерен и воедно понизок споредено на ниво на ЕУ. Бројките покажуваат дека развиваме добра економска политика. Затоа граѓаните гласаат за нас, заклучува Груевски во интервјуто.