Груевски за „Ди Пресе“: Самарас го „торпедира“ приближувањето на Македонија кон ЕУ

Македонскиот премиер Никола Груевски во интервју за австрискиот весник „Ди Пресе” вели дека актуелната Влада во Грција не сака решавање на прашањето за името и оти грчкиот премиер Андонис Самарас воден од националистички побуди го „торпедира” приближувањето на Македонија кон ЕУ.

Соочени сме со фактот дека нема директни разговори повеќе од една и пол година, поради тоа што другата страна не сака решение за спорот и не сака да разговара, а климата се влоши значително со новата грчката Влада во средината на 2012 година, истакнува премиерот Груевски

Грција, како што наведува, е вешта во тоа да ја претстави македонската страна како тврдоглави националисти и да ја префрли одговорноста за блокадата.

gruevski_diprese

„Убедувањето во ова е многу полесно кога самата земја е членка на ЕУ и НАТО и  комуницира секојдневно со останатите членки. А внатре во ЕУ, пак, поради економската  криза не постои подготвеност да се изврши притисок врз Грција за компромис. Грците ова  го знаат и се чувствуваат комотно“, изјави Груевски.

Во врска со тврдењто на грчкиот премиер Андонис Самарас дека Грција не е таа што ја  блокира македонската евроинтеграција, туку тоа е ЕУ, Груевски вели дека Македонија  веќе пет години по ред добива позитивен извештај и препорака да почне преговори за  членство, но Советот на ЕУ не реагира, а единственото објаснување е дека тоа е  солидарност со Грција.

Тој не е оптимист во поглед на грчкото претседателство со ЕУ, кое стартува од почетокот на следната година, но смета дека останува на другите земји-членки да и покажат на Грција дека солидарноста има свои граници.

– Треба да се почитува и меѓународното право. Грција во 2008 година го блокираше приемот на Макаедонија во НАТО, а Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2011 година донесе одлука во полза на Македонија. Искрено не разбирам како ЕУ може да биде солидарна со Грција во овој случај, вели Груевски.

Според него, во поглед на билатералниот проблем во Грција, виновникот е грчкиот премиер Андонис Самарас.

„Тој е еден од двајцата креатори на овој проблем. Во 1991 година заедно со тогашниот грчки премиер Константинос Мицотакис, го создадоа проблемот со името, кој претходно не постоеше. Самарас ја изгради целата политичка кариера на националистичката реторика и конфликтoт со Македонија. Како министер за култура во 2008 година, тој ја објасни грчката стратеггија со следново: Атина го одложува решавањето на прашањето се додека Македонија не се распадне и биде припоена кон нејзините соседи. Денес тој употребува различен вокабулар, но моето чувство е дека неговите погледи не се многу променети“, истакнува во интервјуто македонскиот премиер.

На прашањето за тоа дали, сепак, е можен компромис додека Самарас е на чело на грчката влада, Груевски вели дека за да се постигне таков компромис, Македонија би требало да се согласи на сите грчки барања, а тоа, како што наведува, веќе не претставува компромис.

За тоа дали постои друга политичка сила во Грција, што е поподготвена за разговори, Груевски одговора дека не би сакал да претпоставува и додава дека разговорите се сега на апсолутно најниска точка и оти полошо од ова не би можело да биде.

Прашан дали економската криза во Грција влијае негативно на разговорите со името, македонскиот премиер вели дека тоа секако има одредено влијание, но не е главната причина Атина да избегнува разговори. Сепак, додава, кризата ја прави ситуацијата покомплицирана и и дава алиби на Грција кај нејзините парнери во ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.