Груевски за „Фајненшл Тајмс“: Голема изборна победа во април

Премиерот Никола Груевски, во интервју за весникот „Фајненшл тајмс“, вели дека на изборите кои се предвидени до април 2016 година ВМРО-ДПМНЕ ќе добие голема изборна победа и дека е неприфатливо барањето на опозицијата за повлекување од премиерската функција.

Груевски додава дека Владата е подготвена да прифати многу идеи кои би ја зголемиле довербата на опозицијата во изборниот процес, но дека на крајот граѓаните ќе ја донесат конечната одлука која партија ќе биде во Владата, а која во опозицијата. „Фајненшл тајмс“ ја пренесува најавата на премиерот дека е можно опозицијата да добие надзорна улога во неколку министерства во пресрет на изборите.

– Подготвени сме да прифатиме многу идеи кои ќе ја зголемат довербата на опозицијата во изборниот процес. Ги поканувам сите можни набљудувачи на ОБСЕ да дојдат на изборите, што повеќе од нив има дотолку подобро за сите нас, да видиме дека сѐ ќе се спроведе на фер и демократски начин – Груевски е цитиран во текстот на “Фајненшл тајмс“.

Британскиот весник пренесува дека за Владата е прифатливо опозицијата да добие нова надзорна улога во четири значајни министерства со право на вето – во ресорите за внатрешни работи, финансии, труд и земјоделство. Дополнително, прифатлива е идејата за смени во Државната изборна комисија и да ѝ се дадат пошироки овластувања. Но, идејата за смена на премиерот е неприфатлива.

– Ние нема да се согласиме на такво нешто. Граѓаните се тие кои ќе кажат кој ќе биде во Владата, а кој во опозиција – вели Груевски за „Фајненшл тајмс“.

Весникот дополнително цитира изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека доколку не дојде до смена на премиерската позиција, разговорите за надминување на политичката криза може да престанат.

„Ако не успееме на 29 јуни, тогаш нема причина да продолжиме со процесот“, цитиран е Заев.

Во разговорот за „Фајненшл тајмс“, Груевски воедно ги отфрла оценките на руски коментатори дека во Македонија се случува „обоена револуција“.

– Тоа што се случува во Македонија е внатрешна политичка криза, која ние ќе ја разрешиме на политичко ниво – одговара Груевски. На прашањето за инцидентот во Куманово и дали тој влијае врз меѓуетничките односи во земјата, „Фајненшл тајмс“ пренесува став и на премиерот Груевски и на западни дипломати дека меѓуетничките односи не се доведени во прашање.

– Ние сме многу, многу далеку од тоа – вели Груевски на прашањето дали инцидентот во Куманово на 9 и 10 мај може да ги подгрее етничките тензии. Но, „Фајненшл тајмс“ цитира западни дипломатски извори дека тензиите може да се кренат доколку опозициската СДСМ објави снимки за убиствата кај Смилковско Езеро пред Велигден во 2012 година.