Македонија

Груевски: За година ипол Македонија ќе добие уште 10 слободни економски зони

Груевски: За година ипол Македонија ќе добие уште 10 слободни економски зони

Македонската делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, денеска присустваше на бизнис форумот во Џеда, Саудиска Арабија, каде ги претставија можностите за инвестирање во Република Македонија.

Бизнис форумот се одржа во соработка со индустриската комора на Џеда каде членуваат сите поголеми, средни и мали компании. Градот Џеда е најголемиот пристанишен град и втор најголем град во Саудиска Арабија.

Премиерот Никола Груевски на форумот презентирајќи ги можностите за инвестирање, посочи дека се посветува големо внимание на градење на добра бизнис клима и спроведување на реформи кои значително ќе ги подобрат условите за инвестирање и водење на бизнис.

Премиерот Груевски истакна дека покрај Светската Банка, признание за реформите што ги правиме доаѓаат и од „Форбс“, кој ја рангира Македонија на 36. место како најдобра земја за бизнис во светот.

DSC_2726

„Индексот за економски слободи според фондацијата „Херитиџ“, ја подобри позицијата на Република Македонија од 78. на 43. место. Индексот за глобална конкурентност ја подобри позицијата на Македонија за 31. место. Престижниот „Foreign Policy“ ја рангираше Македонија на 29. место“, истакна Груевски.

Премиерот Груевски се осврна и на слободните економски зони и потенцијалите кои ги нудат за инвестирање.

„Нашите слободни економски зони беа прогласени во најдобрите 50 слободни зони на иднината за 2012/2013 година од страна на „fDi Magazine“ на „Financial Times“, а оваа година е прогласена слободната економска зона Скопје за најдобра зона за големи корисници во Европа. Планираме 14 слободни економски зони, 4 се изградени и целосно функционални, а останатите ќе бидат готови во наредната година до година и пол”, изјави премиерот Груевски.

DSC_2729

Тој истакна дека и кредитната агенција „Fitch“ го потврди позитивниот кредитен рејтинг на Македонија со ББ+. „А Македонија е рангирана 4-та најпријателска земја во светот според односот на населението кон странските посетители за 2013 година од страна на „World Economic Forum“, посочи Груевски.

Премиерот Груевски изјави дека ваквите резултати и добрата практика од спроведените реформи беше препознаена од голем број на компании како привлечно место за инвестирање. Со што огромен број на компании од други земји во светот ја одбраа Македонија за инвестирање.

Премиерот Груевски ги покани заинтересираните инвеститори да ја посетат Република Македонија, да разменат мислења и искуства со приватните компании и инвеститорите кои веќе се присутни на македонскиот пазар и лично да се уверат во добрата бизнис клима.

Заменик претседателот на Владата Зоран Ставрески посочи дека Република Македонија го нуди најповолниот даночен пакет за компаниите. „Воведени се најниски даноци, рамен и низок данок, персонален данок и данок на добивка кој изнесува 10%, а компаниите кои го реинвестираат профитот имаат 0%. Истовремено Македонија е држава и со најниски трошоци за правење на бизнис“, изјави Ставрески.

DSC_2770

Заменик министерот за економија Христијан Делев во своето излагање пред присутните ги образложи можностите и потенцијалите за соработка и инвестирање во областа на туризмот во Македонија и тоа во изградба на ски центри, изградба на туристички зони, и повеќе енергетски проекти поврзани со гасификација. Делев изјави дека Владата има готови проекти од овие области кои им стојат на располагање на потенцијалните инвеститори и се добра прилика за отпочнување на бизнис во Македонија и можност за инвестирање. „Веќе постои конкретен интерес од одредени инвеститори од областа на недвижностите и здравството, за што е договорена нивна посета и разгледување на можностите за соработка и инвестирање“, изјави заменик министерот за економија Христијан Делев.

Абид Ал Селами, сопственик на повеќе компании од прехранбената индустрија, посочи дека од искуството од повеќето негови посети во Македонија може да заклучи дека државата е едно од најдобрите места за отпочнување на бизнис. „Државата е едно од најдобрите места за инвестирање и е многу сигурна. Владата врши одлична работа и од она што можев да го видам од моите посети во Македонија можам да ја воочам разликата секој пат кога ќе доаѓам во Македонија”, изјави Абид Ал Селами.

DSC_9455

Директорот на „Шаба Груп“, која е голема консултантска куќа од Саудиска Арабија, посочи дека Македонија е држава која гради добра и успешна бизнис клима. „Бев импресиониран од информациите што имав можност да ги слушнам, особено од Премиерот на вашата држава. Тоа се одлични податоци и дознаваме колку е привлечен за инвестирање тој регион. Особено што се информиравме за условите за водење на бизнис во Македонија што е одлично да се чуе како и податокот дека е многу привлечна средина за бизнис. Се надевам дека ќе продолжи комуникацијата со владините претставници“, изјави Абдулах Ал Новајсер.

Со бизнис форумот во Џеда, Саудиска Арабија, премиерот Груевски и владината делегација ја завршија својата економско-политичка посета на Кралството Саудиска Арабија. Премиерот Груевски од Џеда, Саудиска Арабија, со владина делегација се упати кон Белград, Република Србија, каде попладне ќе земе учество на дводневниот Самит на Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа, што се одржува во Белград.