Груевски: За Македонија секогаш ќе се бориме, немаме друга земја и не сакаме да имаме!

Веќе десет години, Македонија го слави 23-ти октомври како државен празник, денот на македонската револуционерна борба, денот на основањето на МРО, подоцна ВМРО. Оваа година е прва година кога не само што се прекинува традицијата на доделување на државната награда  23-ти октомври, туку и очигледна е назаинтресираноста на новата власт кон одбележување на овој празник. Затоа, сме ние тука. Кога  оваа власт се срами и се плаши од овој голем ден и празник, тука сме ние, ВМРО-ДПМНЕ да го одбележиме, прославиме, да се потсетиме и инспирираме од минатото, македонското револуционерно минато за слободата на Македонија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од денешната Свечена академија по пов

-Во годината во која новата власт, без никаква јавна дебата, без консултација со стручната и пошироката јавност, без да го праша народот за тоа, во негово име потпиша договор со една соседна држава со кој објави дека до 1944 година нашата историја била дел од историја на таа соседна држава и дека во тој правец планира да ги менува учебниците по историја во Македонија, разбирливо е зошто бегаат од прославата на овој празник. Истовремено најавија и уште една промена на учебниците по историја, по теркот на една друга соседна држава. Ова е година кога за прв пат нашата историја стана алатка за политички преговори, доаѓање  и останување на власт. Менувањето на нашата историја, откажувањето од нашиот јазик, име и идентитет, стана алатка за некој да дојде и да се задржи на власт. Ние сме партија, која гледа, која е фокусирана кон иднината, кон подобрата и поуспешна иднина на нашата држава и народ, но не бега и не се плаши од минатото и од историјата, ниту пак ја сквернави или злоупотребува.  Напротив, тоа минато и сите тие жртви, ни даваат поттик, посеризно и поодговорно да пристапуваме кон секој нареден чекор поврзан со иднината, затоа што знаеме со колку крв, жртви и маки од нашите предци е стекнато она во кое денес ние слободно живееме како во своја држава- Република Македонија, рече Груевски.

Тој порача дека иднината на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ја гледа како дел од големото европско семејство, како дел од ЕУ и НАТО и во добри односи со соседите.

-Но, тоа не значи дека треба да го избришиме или да се срамиме од нашето минато, или да го препуштаме други држави да ни го интерпретираат или преправаат,  согласно нивните државни  интереси.  Живееме во тешки времиња, со големи искушенија и големи идеали. Но во какви времиња живееја нашите основачи? Основачите знаеја дека ќе треба време за да се оствари идејата, но знаеја дека најпрвин – идеја мора да има! И ја создадоа идејата, за идејата потоа да ја создаде организацијата, а организацијата го создаде делото! Делото е слободна, суверена и независна Македонија. Не им беше воопшто лесно, ниту пак едноставно, но имаа решителност и одлучност. И подготвеност за високи лични ризици. Се будеа, живееа и си легнуваа со помислата на слободата и правдата, со помислата на Македонија. Инспирираа, мотивираа, организираа, планираа, твореа и се бореа за она во што веруваа. Слободна земја на слободни луѓе. Да бидеме свои на своето. Насекаде низ својата земја, во секое село и во секој град, и дење и вечер, и во лето и во зима. Тие беа со народот, и кога беше воскликот на победата, и кога беше тагата на загубата, тие стануваа велики при најголемите искушенија и при најголемите иницијативи. Искушенијата ги доживуваа како тест на верата, вербата и довербата, живеејќи со пулсот на своите собраќа и сосестри. И никогаш не отстапија од своето верују. И затоа победуваа и кога добиваа и кога губеа битка. И кога го напуштаа овој свет, кога нивните очи за последен пат гледаа во соборците околу нив, во семејството над нив, или пак одеа во мир сосема сами мислејќи на децата, жената, мажот, родителите, кога им прелетуваа мислите за животот во тој последен грч, кога се збогуваа тие гледајќи во небото завршуваа со еден шепот на нивните усни – Македонија, порача Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека основачите на ВМРО и со својата смрт одат во победата исто како што победата значи и крикот при ослободеното село, и секогаш гласно или преќутно оставаа аманет на своите поколенија дека борбата мора да продолжи и тоа до конечната победа. Така, рече Груевски, победи идејата, организацијата и делото, така победи Македонија.

-Беа шиканирани и оцрнувани, некои се обидуваа да ја прикријат нивната заслуга, некои ги понижуваа и не ја вреднуваа нивната борба и жртва за Македонија. И сето тоа им го приредуваа луѓе кои се срамеа затоа што не се како нив и мислеа дека ако нив ги оцрнат така прво ќе се прелажат себе а потоа ќе ги прелажат и другите, ќе ги натераат другите да веруваат дека за Македонија не треба да се бориш. Каква поразителна тактика. Не им успеа. Ние наследниците на идејата на основачите, и на сите останати херои, успеавме да го осветлиме нивниот лик, да ја кажеме правата вистина, да ја отвориме историјата и да ги избришеме немакедонските погледи врз нив и нивната револуционерна страст. Да кажеме како било и колку им било тешко во борбата но и колку ние, денешните поколенија, сме благодарни за се што тие направија за нас и за нашата Татковина. И затоа денес одовде, од ВМРО-вски Штип, од градот кој даде големи жртви за слободата на Македонија и за време на периодот на активното 41 годишно делување на ВМРО, и потоа, вклучувајки го и периодот на Народноослободителната и антифашитичка борба, јас и сите ние длабоко им се поклонуваме, и со голем пиетет го потврдуваме нашиот завет: За Македонија секогаш ќе се бориме. Немаме друга земја и не сакаме да имаме! Познавајки ги жртвите и искушенијата од нашата историја и македонската борба за слобода и правда, ние денес, многу полесно ги прифаќаме сите клевети и обвиненија, сите обвинувања кои ги добиваме заради нашата посветеност и љубов кон Македонија. И велиме, да ние сме виновни за секој споменик на македонски херој од сите епохи на борбата, виновни сме за секој документарен филм со кој ја откривме вистината за македонските херои, виновни сме дека ја кренавме главата на Македонецот високо, и виновни сме дека градевме држава која чекореше напред, силна и спремна да одговори на секој предизвик, и да преживее и успее во миговите на големи предизвици. И таа наша вина, извинете, но е најголемиот комплимент кој ние можеме да го добиеме! И ние, ќе речам, парафразирајки го Делчев, со чест и со име ја носиме таа вина, порача Груевски од Свечена академија по повод “Денот на Македонската револуционерна борба“.