Груевски за образованието: Ако нешто може да се унапреди и да се подобри, ние тоа ќе го прифатиме

Ако нешто може да се унапреди и да се подобри, ние тоа ќе го прифатиме. Ова во контекст на реформите во образованието го порача премиерот Никола Груевски во своето обраќање по повод 23-ти Октомври.

Тој најави дека во следниот период високи државни функционери ќе ги посетат училиштата, ќе разговараат со учителите, со учениците, со родителите, ќе ги слушаат вашите предлози и забелешки, ќе бараат решенија.

Ги следам со големо внимание сите реакции поврзани со образованието, ги гледам и чувствувам голема тежина. Многупати сум кажал дека ние немаме алтернативи. Немаме извори на нафта или гас, немаме излез на море, немаме којзнае какви рудни богатства, а со децении ја имаме сиромаштијата. Затоа, образованието и вложувањето во подобро орбазование ни е единствениот ресурс за конкурентност со светот и напредок на земјата. Тоа е суровата реалност која мора да ја прифатиме, наспроти лажните митови. Спроведуваме амбициозни и промислени реформи во образованието, и како и тогаш се соочуваме со отпор. Тоа е природно, отпорот е природна работа, и јас тоа го разбирам. Тоа е повеќе отпор кон новото и непознатото, а не е отпор затоа што сме некадарни или не можеме. Не. Ние можеме. Нашите деца не се ништо помалку од француските, англиските, финските, хрватските, чешките, романските. Ако во Европа може да има екстерно тестирање и матура, може да има и во Македонија. Ние се залагаме за екстерното тестирање и матурата, и тоа не е заради хир или суета, туку заради фактот што знаеме дека тоа ќе даде резултати. Ќе даде, и тоа какви резултати, а веќе и дава, иако имаме уште многу да работиме на негово усовршување. Ние сме спремни ако е потребно и свесно да загубиме дел од политичката подршка, и ние тоа отворено го кажуваме и тоа треба да се почитува. Ние гледаме и делуваме долгорочно, а не од денес за утре, рече Груевски.

Премиерот нагласи дека со индигнација ги одбива сите обвнинувања дека овој концепт го тераат заради тоа што сакаат некому да нанесат зло и да казнат. Како што напомена, злоупотребата на децата во политички цели е само неуспех.

Нема логика. Ниту било така ниту ќе биде. И децата на министрите, директорите, пратениците го полагаат истото екестерно и истатата матура. Тука нема привилегии. И ние по домовите имаме стресни моменти, како што има во секој дом кога ќе дојде периодот на тестовите, и ние работиме со децата, помагаме, се нервираме, се радуваме. Ги разбираме сите,  затоа што и ние поминуваме низ истото, немојте да мислите дека сме посебни или дека не чувствуваме. Ама мора да има мака за да има наука. А кога ќе има наука ќе има успех.  Злоупотребата на децата во политички цели е само неуспех. Помислете само колку е лесно сега да кажеме се што сакаат да слушнат децата и дел од родителите? Најлесно. Пред избори сме, ќе ветиме, ќе ги орасположиме сите, и сме завршиле работа политички, сме го тргнале товарот од нас. Но каква е одговорноста што со тоа ја носиме? Каква иднина оставаме за нашата земја, за следните генерации?, рече Груевски.

Тој нагласи дека како Влада се убедени во исправноста на концептот и побара подршка од целото општество, како партнери, како сонародници, како луѓе, соседи, пријатели.

Зошто некој да мисли дека би правеле нешто ако знаеме дека е лошо? Ние правиме нешто зошто знаеме дека е добро. Ако сме сакале некого да казниме, тогаш зошто партиципацијата на факултетите од 1.000 ја намаливме на 200 евра, зошто даваме скапи стипендии за секој кој ќе успее да се запише на врвен светски универзитет, зошто изградивме над 80 и комплетно реконсруиравме над 350 училишта, зошто трасформиравме над 9000 привремени во трајни работни односи за наставниците, зошто изградивме над 70 спортски сали, зошто купивме комјутер пред секое дете?Зошто учебниците и превозот за учениците станаа бесплатни? За да биде подобро, и за да биде за сите подобро. Подобро сега некој нека се исплука врз нас и нека му помине, отколку по десет години кога ќе биде на интервју за работа или кога ќе треба да започне бизнис да не прекорува во себе полн со фрустрации, депресии заради неуспехот и поразите низ животот. Паролите дека Нема мир додека нема правда се добри за изговарање кога имаат суштина, но кај нас не само што ја немаат, туку  имаат една фалинка. Нема правда додека нема знаење. А знаењето е мир, рече Груевски.

Груевски повтори дека ако нешто може да се подобри и да се унапреди тие тоа ќе го прифатат, затоа што законите не се прават за да им одмогаат на луѓето туку да им помагаат.

Ако е нешто добро, и ако со прифаќањето на некој предлог не се уништи суштината на концептот, ние тоа ќе го прифатиме. Ние ќе го усовршуваме системот со сите добри идеи. Но, крајниот резултат на тој систем треба да е повеќе знаење, поголема креативност  и поголема конкурентност на секој млад човек, не само домачна, туку и меѓународна. Во следниот период високи државни функционери ќе ги посетат училиштата, ќе разговараат со учителите, со учениците, со родителите, ќе ги слушаат вашите предлози и забелешки, ќе бараме решенија, ќе унапредуваме и подобруваме. Ќе зборуваме по училиштата за секој проблем кој што е во образованието. Ние го сакаме образованието. Ние си ги сакаме нашите деца. Сакаме решенија кои ќе бидат квалитетни и ќе помогнат и тоа ќе го правиме заедно со родителите и со учениците, низ еден квалитетен процес. Имаме чесна намера, и вистински правец, рече Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.