Груевски за То Вима: Постоењето на македонската нација и држава е реалност

Имам чувство дека вашата јавност е недоволно или несоодветно информирана за состојбите во Република Македонија. Тоа им создава препреки на вашите политичари да донесат похрабри одлуки. Треба да ги надминеме стереотипите едни кон други и да гледаме повеќе на работите кои нѐ приближуваат. Верувањето дека со сила или со уцена ќе се наметне нов идентитет на македонскиот народ, е погрешна теза. Таквата позиција ги зацврсти идентитетските одредници на македонскиот народ, затоа што таквиот однос и реализацијата на сето тоа, само предизвикаа претпазливост кај секој еден Македонец. Тие создадоа рефлекси од опасноста да се остане безимен и без она што ние мислиме дека е наш идентитет.

Верувањето дека ние сме закана за Грција е целосно неточно. Која закана ја видовте од нас во последните 25 години?

Всаденото уверување дека постои забуна на географските поими како што се Република Македонија и вашите региони источна, централна и западна Македонија се исто неточни. Има многу примери во Европа кои го докажуваат спротивното. На пример во Белгија има регион Луксембург. Но отидовме во многу детали…

Дали сте подготвени да ни опишете кои се вашите црвени линии во преговорите со Грција?

Нашите црвени линии како политичка партија се јасни. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати предлози што би го загрозиле македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и култура. Неприфатлива е каква било промена на уставот со која се менува уставното име на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари или поединци, влада или парламент без референдум. Ние сме подготвени да го продолжиме дијалогот и да останеме силно посветени на процесот на интеграција во семејството во кое припаѓаме и политички и културно и економски. Ние сакаме решение за проблемот не само заради членството во НАТО и ЕУ, туку и заради нормализирање на односите со Грција. Надвор од овој проблем, постојат многу заеднички предизвици кои ако заеднички ги решаваме, ќе биде подобро и за двете држави и народи, и за целиот регион. Но сепак, решението не може да биде еднострана желба на една од двете држави, туку компромис кој не загрозува ничии интереси. Не постои решение издејствувано со сила, закана или уцена кое може да е одржливо. Земете ја на пример привремената референца за името од Времената спогодба од 1995 година. Тогаш народот не беше прашан. Секој во Македонија ја отфрла таа референца.  При тоа, народот е уште поподготвен да се бори за сопственото име и идентитет. Таа е навредлива за македонските граѓани и така ќе остане засекогаш.

Некои инсистираат дека вашите црвени линии се поврзани со 20.век. Како одговарате, имајќи ја предвид позицијата на одредени соседни држави, како Бугарија и Србија?

Свесни сме за лагодноста на позицијата од дистанца да се коментираат тешкотиите на некој кој е надвор од евро-атлантските институции и чии натамошни интеграции се блокирани преку непринципиелно условување кое задира во неговиот идентитет. Доколку некому ваквата позиција му изгледа ретроградна, јас навистина жалам за тоа, но тоа се проблемите со кои ние секојдневно се соочуваме. И во 21. век се соочуваме со проблематизирање на нашето име и идентитет и блокада на нашите аспирации за членство во ЕУ и НАТО. Кажете некој друг пример за ваков проблем? Знам дека тоа не доликува на проблемите со кои треба да се занимаваме во 21 век. Затоа треба сите да го вложиме сопствениот максимум и да најдеме решение кое ќе доликува на времето во кое живееме. Практично нема земја на Балканот која нема некое отворено прашање со соседите: Словенија со Хрватска, Србија со Хрватска, Грација со Албанија или Турција. И ние имаме отворени прашања со дел од соседите и се обидуваме да ги решиме. Такви прашања имаме и со Бугарија и со Србија, но тие засега не се ниту блиску до проблемот кој го имаме со Грција.

Многу инсистирате на идентитетот и на јазикот. Дали сметате дека ова е доволно за да се создаде нација и држава?

Ние инсистираме на сѐ она што се чувствуваме и што се нарекуваме. Името на нашата држава, на нашата нација, на нашиот јазик. Македонската нација и држава постоеле и ќе продолжат да постојат. Во смисла во која ние во нашата држава ја разбираме, тоа е едноставно реалност, без разлика што мисли Никола Груевски за тоа, така едноставно се чувствуваат граѓаните на нашата држава, и тоа не е ништо страшно ниту пак некој треба да се чувствува загрозен. Никој никогаш со никаков декрет не успеал да укине нечиј идентитет. Станува збор за внатрешно чувство, а вие со лист хартија никому не може да му наложите како да се чувствува. Тукa не станува збор за некакво креирање на македонска нација или држава. Напротив. Тие се реалност. Најчувствителниот момент во разговорите за името е прифаќањето на реалноста и волјата за соработка и градење на добрососедските односи. Доколку се прифати реалноста дека Република Македонија постои и ќе продолжи да постои, доколку се прифати реалноста дека Република Македонија се огради и јасно во својот устав зацрта, и со бројни гестови потврдуваше дека нема какви било територијални претензии кон соседите и дека не бараме никаков ексклузивитет на употреба на името Македонија, тогаш може да се дојде до решение. Доколку на тоа се додаде добра волја да му се помогне на соседот, тогаш не постои никаква пречка нашите две земји да бидат идеален пример на соработка на Балканот.

Атина верува дека не сте подготвени да се откажете од иредентистичките претензии спрема Грција?

Република Македонија нема никакви претензии кон соседите. Ова тврдење можам да го потпишам со две раце. Иднината е во соработката меѓу земјите. Минатото не можеме да го менуваме, но можеме да влијаеме врз иднината. Ова може да го очекуваме преку искрена соработка и меѓусебно помагање. Грција во Македонија може да има голем пријател. Не верувам дека некој во Грција сериозно верува во некакви стравови од иредентизмот на Македонија. Грција е земја со исклучително богата култура и од големо значење за светот, не само за регионот.  Тврдењата дека Грција која е поголема и помоќна, стравува од Република Македонија, се неубедливи. Но еве, да претпоставиме и дека е така… јас сум подготвен да потпишам дека Република Македонија ќе ги понуди сите гаранции кои би биле побарани дека немаме никакви територијални аспирации

Што се однесува до бегалската криза, границите помеѓу нашите земји станаа „жешки точки’. Дали може соработката помеѓу Атина и Скопје да биде поблиска?

Ова е само едно од прашањата кои покажуваат дека има простор за подобрување на билатералната соработка. Република Македонија се најде во една многу тешка ситуација. Република Македонија е надвор од евро-атлантските структури. Со оглед на тоа што не сме членка на ЕУ, ниту дел од Шенгенскиот договор, ние ги немаме ниту ресурсите кои на останатите земји членки им стојат на располагање во вакви ситуации. Од друга страна се соочивме со огромен притисок на јужната граница, со тоа што илегални мигранти на нашата територија влегуваа од територија која е дел од ЕУ. Проблемот стана уште покомплексен, со тоа што од нас се бараше да ги штитиме земјите членки на ЕУ кои се крајна дестинација на илегалните мигранти. Токму оваа тема покажа дека далеку полесно ќе се справевме со проблемот, доколку и Република Македонија беше земја-членка на ЕУ. Вака, требаше сами да се штитиме себе си, но и да внимаваме на почитување на сите меѓународни конвенции за човековите права. Ние во повеќе наврати алармиравме дека располагаме со лимитирани капацитети. Беше сосема јасно дека ќе дојде моментот кога ќе треба да се воспостави поцврста контрола на границата. Јас сум свесен дека ниту Македонија сама, ниту Грција сама не може да го решат проблемот. Проблемот е глобален и мора да му се пристапи глобално. Ве уверувам дека заеднички можеме многу повеќе да сториме, низ соработка, транспарентно, без стравувања, заеднички.