Македонија

Митинг во Берово Груевски: За успешн развој на општина Берово изберето го Никола Атанасов

Груевски: За успешн развој на општина Берово изберето го Никола Атанасов

На првиот митинг денеска на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Берово, пред граѓаните се обрати и претседателот на партијата, Никола Груевски. Тој кажа дека уште еднаш треба да се потсетат граѓаните, каде бевме како држава и каде сме сега, за да бидеме сигурни на каде одиме.

-Во 2006 година во Општина Берово имаше 2.330 вработени, а на крајот на 2016 бројот на вработени е околу 3.250, тоа се околу 900 нови вработувања во Берово, 900 нови работни места отворени, изјави Груевски.

Тој напомена дека го реконструирале региналниот патен правец Превалец-Смојмирово, во вредност од околу 2 милиони евра.

-Изградивме и реконструиравме повеќе локални патишта во беровски, меѓу кои првата фаза од патот за Абланица, патот од Русиново до Владимирово, патот Берово-Милина Црква-Смојмирово, патот од Студенец до Двориште, патот од Тририки до Ратево, патот од Гердови водиници до Русиново, изјави Груевски.

Тој кажа дека се реконструирани повеќе улици во Берово и населените места, изграден плоштад  во Будинарци, изграден кружен тек на влезот во Берово.

-Изградивме современа станица за прочистување на отпадните води во Берово, извршивме реконструкција на пунктната станица  во  Русиново, со што се реши проблемот со честите дефекти и се нормализира проблемот за снабдувањето на вода за пиење. Изградивме атмосферска канализација на улицата Маршал Тито и дел улицата 23 август. Изградивме и доделивме 51 стан за лица со социјален ризик и други ранливи групи, со што тие конечно го решија своето станбено прашање.

Спомена дека е изградена велосипедско-пешачка патека околу Беровското езеро, во должина од 1.700 метри, изградена е спортска сала, едно фудбалско игралиште, едно повеќенаменско игралиште и уште многу инвестиции во спортот.

-Извршивме надоградба на основното училиште Дедо Иљо Малешевски, како и реконструкција на повеќе училишта. Ја реконструиравме детската градинка во Русиново. Во 2015 го отворивме домот за стари лица „Доктор Иван Влашки“, изјави Груевски.

Тој кажа дека е отворен мал дом за сместување на деца без родители и родителска грижа.

-Продолжуваме да ја следиме нашата патека, со ваша целосна поддршка, со истата љубов и посветеност како првиот ден. Тоа ќе значи многу повеќе проекти од нашата програма, која е со прецизни рокови и динамика за реализација, изјави Груевски.

Груевски кажа дека новата ера за Берово носи раст и развој, најави дека ќе се изгради и реконструира втората фаза од патот до Абланица и уште неколку патишта, ќе се градат улици, ќе реконстуира надогради вториот дел од кејот во Берово.

-Ветуваме изградба и проширување на канализационата мрежа во Берово, за што ќе се вложат 5 милиони евра. Ќе изградиме водовод со пречистителна станица на Беровско езеро, со што ќе се реши долгогодишниот проблем со снабдување на вода за пиење и ветуваме продолжување на главниот колекторски систем за отпадни води, на туристичката населба во Берово, изјави Груевски.

Тој најави и уште многу нови проекти, како изгадби за резервоари за вода на оние места кои проблем со водоснабдувањето, инвестиции во патната инфраструктура.

-Планираме да се спроведе и проектот Еко-град, со кој ќе се воспостават практики за селектирање и рециклирање на отпад, изјави Груевски

Тој кажа дека планирани се и повеќе други проекти кој се наоѓаат во програмата на новата ера за Берово, со Никола Атанасов.

-Почитувани, гаранција за сето ова дека ќе се исполни е Никола Атанасов, фамилијарен човек, стабилна личност, татко на две деца, работлив човек, човек кој го сака Берово, кој ќе вложи труд и енергија да гради, да создава, да решава проблеми. Да ја исполни оваа програма и да ја надмине, како што знае да го прави тоа ВМРО-ДПМНЕ. Заедно со носителот на советничката листа Предраг Монев, докажан стопанственик, исто така стабилна и сериозна личност, што знае да работи, знае да создава, се вистинското решение за Берово, изјави Груевски.

Тој кажа дека остануваат само уште неколку денови кои до 15ти октомври и дека овие избори се многу важни за сите нас.

-Бидејќи луѓето од Македонија не само што ќе ги изберат своите градоначалници. Македонија исто така ќе одлучи за насока која треба да значи светла иднина. Ги повикувам сите граѓани на Берово, одете на избирачките места и гласајте. Гласајте за својата иднина. Гласајте за вашата држава. Немојте да мислите “што може мојот еден глас да промени”. Тоа Едно гласање, тој еден глас е клучен. Невработеноста ќе се намали со тоа Едно гласање. Вашите деца ќе добијат подобро образование со тоа едно гласање, изјави Груевски.

Тој кажа дека нашите градови ќе се развијат со тоа едно гласање.

-Токму со вашиот глас. Иднината на Македонија, иднината на нашите деца ќе се реши со тоа Едно гласање. Затоа, бидете сигурни дека треба да гласате. Одете на гласање со вашето семејство. Оди на гласање како да одите на прослава, именден или куќна слава, со радост и гордост. Затоа што сите ние ќе се разбудиме во посветло утро на 16 октомври. 15 октомври ќе биде ден на победата на Македонија, изјави Груевски.