Груевски: Заев не е загрижен за развојот и напредокот на нашите градови и општини

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерава се обрати пред граѓаните на Општина Гази Баба каде Коалицијата „За подобра Македонија“ одржува митинг.

Груевски пред присутните истакна дека остануваат уште неколку дена и моментот на одлучување од кој ќе зависи по кој пат Македонија ќе тргне.

-Се приближуваме до 15-ти октомври. Вие добро знаете дека ова не се обични локални избори, вашата одлука е многу важна – не е само, уште една обична одлука. Вие го имате последниот збор. Запомнете дека само граѓаните на Македонија, вие одлучувате за заедничката иднина на нашите градови и за иднината на нашата држава. Ние ја добиваме нашата моќ од Македонија и народот на оваа земја. Нашата сила произлегува од нашата љубов кон нашиот народ и нашата љубов кон нашата земја. Ја сакаме нашата земја, со целиот наш народ, сите градови, сета радост, ентузијазам и возбуда. Ние сме партија на граѓаните на Македонија, и ние сме гаранција за силна Македонија, истакна Груевски пред присутните граѓани.

Тој посочи дека во изминатиот период од 5 месеци граѓаните можеа да видат катастрофална економска политика од владата.

-Имаме преполовени капитални инвестиции кои доаѓаат во буџетот. Индустрија која оди надоле, градежништво кое тоне. Странски инвеститори кои планираат да си заминат, а нови нема. Извоз кој опаѓа, девизни резерви кои секој ден се топат. Просечни плати кои наместо да растат опаѓаат. Пензии чие зголемување е сопрено, субвенции за земјоделци кои се намалуваат, односно е најавено дека нема да ги има ако земјоделецот во дадена година не успее да има поголем придос од претходната. Ова е сликата за денес. Сиромаштија која расте, а граѓаните ја губат сигурноста. Афери кои се случуваат на дневна основа. Тендери кои си ги делат на луѓето од власта, нагласи Груевски.

Тој ги повика сограѓаните кои гласаат за СДСМ да му се придружат на ВМРО-ДПМНЕ и напорите да се обединат за да направат посилна Македонија.

-Лицето кое е претседател на СДСМ не вреди, заслужувате подобро. Вие заслужувате подобро. Затоа што овој човек не е загрижен за намалување на невработеноста. Тој не е загрижен за развојот и напредокот на нашите градови и општини. Тој не е загрижен за обезбедување на среќата и спокојството на вашите семејства, не е загрижен за земјоделците, работниците, невработените. Тој ги нема сите во својата агенда. Тој нема љубов кон знамето, за името и татковината, вели Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.