Груевски: Заев постојано ги релативизира работите што ги кажал

Господинот Заев се обидува да прикаже, практично да пушти што е можно повеќе кривични пријави за да испрати една порака до јавноста дека еве, ние имаме кривични пријави, ама имаат и тие и да стави некаков знак равенство дека сите имаме кривични пријави и дека тоа е нормална работа. Вака премиерот Никола Груевски ги коментира  кривичните пријави што опозициската СДСМ ги поднесе до Јавното обвинителство.

– Во правото тоа не е така, во бројот не се гледа квантитативно кој колку поднел кривични пријави, туку се гледа тежината на тие кривични пријави, се гледаат фактите, аргументите, се гледаат законите, членовите на законите. Проценуваат стручни луѓе кои што ги гледаат сите факти. Така што таа теорија дека ајде што повеќе ќе си пуштиме еден на друг кривични пријави, во јавноста, во лицето на луѓето ќе изгледаме сите исто нема да помине кај граѓаните, рече Груевски.

Премиерот потенцира дека Заев  тоа релативизирање го прави и тука, но го прави и во оние негови изјави од типот дека не е важно кој снимал.

– Како што тргнал нема да ме изненади да каже наскоро и дека се шегувал дека јас и Сашо Мијалков сме снимале. Секојдневно ги менува изјавите, секојдневно релативизира работи што претходно ги кажал, едноставно нема стабилност во она со кое што настапува. Постојано нешто менува и граѓаните тоа го гледаат и верувам дека ќе наиде на осуда и нема да наиде на прифаќање она што го прави господинот Заев, рече тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.