Груевски: Заев се обидува да ги заплаши судиите за да се заштити себеси

Изјвите на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за промени во судството претставуа заплашување на судиите и заштита од постапките коишто се водат против него, и тоа не смее да се случи, повторно да завладеат со судството од партиска позиција, рече во средата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски

„Многу е јасно, и од авион се гледа дека идејата е да се направи прво заплашување на судиите, а веројатно во глава има некаква промена со цел да се заштити себеси од постапките коишто се водат против него. Под плаштот дека сака да направи реформи сака во најмала рака да ги заплаши судиите, а доколку има некаква можност да направи некакви промени за неговите пријави коишто се полни со докази да останат нерешени или пак да бидат решени во негова полза“, рече Никола Груевски кој престојуваше во посета на Кратово каде пред петнаесетина дена во употреба беше пуштена спортска сала во ОУ „Кочо Рацин“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека СДСМ има долга историја на, како што рече, крупни партиски влијанија во судството.

„Во 1996 година во еден ден назначија 600 судии во парламентот во услови кога опозицијата не беше во парламентот. Во еден ден сите 600 судии беа изгласани исклучиво по партиска линија, по ургенции на партиски луѓе или одлука на партиски штаб. Потоа во 2002 година дојдоа на власт по четири години во опозиција, извршија брза измена на Законот за судски совет, го сменија Судскиот совет и започнаа нова тура притисоци и партизирање на судството коешто го направија крајно партиско. Сега зборуваат повторно за некакви нови промени на судиите инспирирани од желбата да се сопрат постапките што се водат против нив. И, како второ, да завледеат повторно со судството од партиска позиција. Тоа не смее да се случи во Македонија“, рече Груевски.

Притоа истакна дека реизбор на сите судии е невозможен, затоа што Законот за судии е двотретински и ВМРО-ДПМНЕ сигурно нема да се согласи за реизбор на судиите.

„Секоја друга замисла да се стави партиска капа, партизирање на судството од страна на СДСМ ќе наиде на жестока реакција кај ВМРО-ДПМНЕ, а верувам и кај граѓаните. Не е во ред секое мнозинство во налет на доаѓање да менува судии, да заплашува судии, да се заканува со реизбор на судии за да си остварува свои цели. Да ги заплашува судиите и на тој начин да издејствува некакви одлуки во судството што тие ги посакуваат кога направиле одредени кривични дела и сакаат тоа да помине без казна“, оцени Груевски.

Беше јасен дека таквото нешто не треба да се дозволи и оти таа пракктика на СДСМ мора да запре. Тоа, како што потенцираше Груевски, не е реформа, тоа е антиреформа, и тоа е нешто со коешто се сака да се партизира судството.

„Во најмала рака ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи реизбор на судиите затоа што за тоа е потребно двотретинско мнозинство“, нагласи Груевски.