Груевски: Заев со селектирани материјали манипулира со граѓаните

Премиерот Груевски вели дека Заев си игра со судбини селектирајќи материјали и манипулирајќи со граѓаните.

Пред преполната сала во СЦ Борис Трајковски премиерот испрати повеќе значајни пораки.

– Заев вика дека сега се бори за слобода и демократија нели. Во оваа држава вика дека немало слобода и демократија. Па во која земја на светот има ваков пример. Човек како Заев, со сиот свој багаж да си излегува редовно на прес-конференции, и да плука што сака и кон кого сака со нелегално стекнати креирани материјали. За кои самиот тврдеше дека се од странска служба. Каде не светот го има ова? Еве ако имате некој пријател надвор прашајте го што би било ако кај нив некој политичар вака постапува како Заев. Да си игра со судбини, хазардерски да постапува со луѓе и нивни семејства, притоа селектирајќи, сечејќи, вадејќи од контекст, манипулирајќи.  Сето тоа под превезот дека има диктатура овде и деградирајќи ја притоа државата,без око да му трепне. Прочитајте ги и слушнете ги нападите, навредите, местенките на нивните медиуми, кои директно ги финансираат. Замислете се жали дека нема слобода на медиуми, а во пет дена три пати настапува на национални телевизии. Ај што си настапува човекот, но суштината зошто повеќе пати излегуваше на телевизија е сосема друга. За да се поправа себе си, лути му биле тие што го спремаат, нели од надвор овие, кои ќе го носеле на власт за да дошол на власт. Од интервју на интервју се повеќе се дозакопува, се поочигледни стануваат неговите лаги.  Се жали на слобода, а паралелно на тоа се води хајка против нас во нивните медиуми. Овие слободните и професионалните што примаат пари од разни фондови и фондации, ги знаете сите, истакна Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека на власт се доаѓа со работа и посветеност, а не преку медиумите.

– Се сеќавам на времињата кога бевме во опозиција и кога се случуваше ниту еден медиум, ниту еден да не ни дојде на прес конференција. Тогашниот директор на центарот за комуникации Оливер Шамбевски во тоа време ќе ми се јавеше и ќе ми кажеше, претседателе денес никој не дојде, пресот не се одржа, или некогаш ќе дојдеше само еден медиум на прес. И пак победивме во 2006-та. Значи не е до медиумите. До друго е. До работата е, до зборот, до довербата, до извесноста, до посветеноста во тоа што го работите. Џабе и медиуми и се, ако не работите ништо. Народот знае тоа да го препознае. Па најголемиот демант на тоа што го говорат дека нема слобода е токму гласноста на темата која ја форсираат и гнасните кампањи кои ги водат. Замислете точно 22 медиуми говорат дека нема слобода. Па нели самото тоа е чудна ситуација, порача македонскиот премиер.