Груевски: Заев со странски разузнавачки служби го прислушкувал државниот врв

Ова е голема штета што и се прави на државата и вистинска штета е што овој човек тоа го прави на овој начин наместо со идеи и визија и програма. Ова меѓудругото денеска го изјави премиерот Никола Груевски во своето обраќање до јавноста.

Груевски ја информираше јавноста дека во периодот од септември до ноември минатата, 2014 година, остварил четири средби со Зоран Заев, претседателот на опозициската СДСМ.

Како што изјави премиерот, првата средба била одржана на барање на Заев, а понатамошните биле поврзани со првата.

Заев од Груевски побарал формирање на техничка влада и го информирал дека во соработка со странска разузнавачка служба пријавил снимки од телефонски разговори на речиси од целиот државен врв, почнувајќи од претседателот на државата, на парламентот, владата, медиумите и други политички и јавни лица од власта и од опозицијата.

Груевски посочи дека Заев му раскажал дел од тие телефонски разговори и дека дел од нив биле точни, дел половично точни, а одреден дел неточни и оти фактот дека дел од нив биле точни укажувал на сериозноста на ситуацијата.

– Го слушав шефот на македонската опозиција со каква гордост самоувереност и возвишеност ме информира дека странска разузнавачка служба го снабдила со нелегално и противзаконски, противуставно стекнат материјал, делумно монтиран, со цел да оствари некоја своја цел. Не можев да верувам дека човекот кој сака да ја води државата не крие дека соработувал со странски разузнавачки служби, рече Груевски.

Во наредните неколку дена и недели Заев почнал јавно да говори дека ќе објави дел од овие разговори. Премиерот посочи дека за сето тоа што тој го говори постојат цврсти и непобитни докази поради што денеска е поднесена и соодветна кривична пријава.

– Поднесена е кривична пријава, меѓу кои и за лицето З. З. за „шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи“. Се прави сериозна штета за државата, креирано сценарио на кое сите сте сведоци од почеток, во кое на крај цела држава требаше да биде заложник. Можеби многумина ќе речат дека не требаше да ја направиме оваа постапка, но има некои работи кои ниту еден совесен човек и политичар не смее и не може да ги игнорира. Таква работа е интересот на државата. Ве повикувам да се запрашате што би направиле на мое место? Во цели 24 години независност на Република Македонија ниту еден политичар, ни најконтроверзниот, не направила. Сакам да порачам дека закани и уцени и вакви местенки не прифаќам и не проаѓаат и на сите инволвирани јавно им порачувам дека ние не сме Македончиња туку Македонци. Ова е голема штета за државата по нејзиниот углед и имиџ. Штета што тој посегна по ваков подмолен начин наместо со идеи и визија и програма, порача премиерот.

Груевски најави дека за на сите прашања ќе одговори во рамки на судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна како за домашната, така и за странската јавност.

–  Ве повикувам да го следите случајот и да ги гледате доказите, да ги препознаете шпекулациите. Од денес ќе слушате секакви шпекулации, но вистината за се ќе излезе на виделина, порача Груевски.