Груевски: Закани и уцени не прифаќам, не сме Македончиња, туку Македонци

Закани, уцени и вакви местенки не прифаќам и не проаѓаат. На сите инволвирани јавно им порачувам дека ние не сме македончиња, туку сме Македонци, беше дециден премиерот Никола Груевски во денешното обраќање до граѓаните во врска со полициската акција „Пуч“ во која за четири осомничени лица, меѓу кои и лидерот на СДСМ, се поднесени кривични пријави за „шпионажа“ и „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“.

– Ова е голема штета што и се прави на државата по нејзиниот углед и имиџ. Вистинска штета е што овој човек посегна на ваков подмолен начин, наместо со работа, со идеи, визија и програма, потенцира Груевски.

Тој нагласи дека ќе одговори на сите прашања во судската постапка која, како што рече, ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и за меѓународната јавност. Притоа ги повика сите да го следат случајот со внимание, да ги гледаат доказите и да ги препознаат шпекулациите и местенките.

– Од денес ќе слушате секакви шпекулации. Вистината за се ќе излезе на виделина. За се постојат цврсти докази, истакна Груевски.