понеделник, 27 март 2017  |  Вести денес: 0

Груевски: Жално е што СЈО се претвори во партиски инструмент на СДСМ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски испрати реакција на прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

груевски

Поврзани вести

Реакцијата на Груевски ја пренесуваме во целост

Со внимание ја проследив прес конференцијата на СЈО. Како и досегашните прес конференции, денешната беше со чиста партиска реторика и човек што не знае кој на која функција се наоѓа, веројатно ќе помислеше дека станува збор за една од прес конференциите на СДСМ, на која се обидуваат да не оцрнат и прикажат во негативно светло нас од ВМРО ДПМНЕ, а пред се мене лично како нејзин претседател, без ниту еден единствен доказ.

Очигледно на обвинителите им беше важно единствено постигнувањето на политичкиот и партискиот ефект. СЈО веќе стана институција под целосна контрола на СДСМ и нивен главен инструмент за полички прогон на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ, а се со цел рушење на мојот углед и угледот на водството на партијата заради доаѓање на власт на СДСМ. Доволно е само да се види реториката на прес конференциите и малку  човек да се запраша и замисли околу доказите, и се е јасно.

СДСМ не може да дојде на власт по нормален пат, па потребна му е ваква помош. Како што досега тоа не им успеа, така нема ни одсега. Во денешната прес конференција неколку пати беше спомнато моето име, како наводен нарачател и очигледно најважно им беше да спомнат дека сум бил аболиран, верувајки дека ќе ме стават во ист кош, со човекот кој сакаат да го донесат на власт, човекот кој тврдеше дека е најприслушкуван во Македoнија, а за него нема ниту снимка, ниту предмет, ниту истрага од страна на СЈО, господинот Зоран Заев.

Непрофсионализмот на СЈО не е само во политичко партиската наколнетост и ставањето во функција само на една партија, туку и во неприложувањето на барем еден минимален правен доказ  против мене, па макар и измислен. Тоа е затоа што имаат предмет во кој нема ниту некаков пропуст, ниту дело, ниту било што незаконско. Ако за некои од другите споменати, извадија смс пораки со одамна починат човек, од кој смс единствено се гледа дека како одговорни луѓе и функционери, во ситуација кога рушењето на Космос беше главна медиумска вест, покажале интерес околу случувањата, за да знаат што да одговорат на многубројните повици од медиумите, за мене не успеале ни такво нешто да пронајдат.

Случајот Космос е само потврда, дека секој кој прави криминал и има незаконска постапка во оваа држава подлежеше на законот. Тоа што некој бил пратеник и богат, не смее да значи дека може да прави што сака, во смисла да го крши законот, а ако некој не е пратеник или е сиромав треба да трпи последици за сторениот прекршок. Пред  законот сите се исти и секој треба да ги почитува законите.

Впрочем и неколкуте направени вештачења во тоа време недвосмислено покажуваат дека во случајот Космос има флагрантно кршење на законот, по што следела реакција на одговорните лица во институциите.

Жално е што СЈО наместо професионална и независна институција каква што сите граѓани очекуваа, се претвори во партиски инструмент на СДСМ, со инквизиторски елементи, и крајно непрофесионално однесување. Тоа ќе ја однесе во сигурен неуспех.

Најчитани вести