Груевски-Заоралек: Поскоро одржување на изборите, на Македонија и на европските партнери им е потребна стабилна влада

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Чешката Република, Лубомир Заоралек.

На средбата соговорниците разговараа за актуелните политички случувања во Република Македонија, исполнувањето на стратешките определби поврзани со интегративните процеси, како и можноста за унапредување на соработка помеѓу двете држави.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски ја афирмираше определбата за организирање на фер, слободни и демократски избори, во согласност со утврдените рокови прецизирани со изборниот законик. Груевски истакна дека врвен интерес на ВМРО-ДПМНЕ е изборите да поминат мирно и во демократска атмосфера, и дека тие се клучни во надминување на наметната политичка криза.

gruevski-sredba1

Претседателот Груевски се заблагодари за поддршката од Чешката Република во поглед на остварувањето на евроатланските интегративни процеси на државата посочувајќи дека тие ќе продолжат да бидат врвна стратешка определба.

gruevski-sredba2

Министерот за надворешни работи на Чешката Република Лубомир Заоралек ја истакна важноста од поскоро одржување на изборите како начин за премостување на политичката криза. Тој посочи дека на Република Македонија, но и на европските партнери им е потребно стабилна влада која ќе може да се соочи со глобалниот предизвик на мигрантската криза, како и продолжување на процесите важни за Република Македонија. Тој истакна дека за продолжување на економскиот развој и на започнатиот прогрес во оваа сфера клучно е воспоставување на стабилна влада, која треба да се добие на избори.