Груевски: Започна новото раѓање на стариот театар во Струмица

Во Струмица денеска започнаа активностите за изградба на Струмичкиот театар. Камен-темелникот го поставија премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Во обновата и изградбата, како и опремувањето на театарот со најсовремена сценска техника Владата, како што истакна премиерот Груевски, ќе инвестира 220 милиони денари.

„Повеќе години изградбата и обновата на стариот струмички театар е тема на струмичката чаршија, но и тема на многу избори и политички ветувања. За жал, таквите ветувања за обновување на театарот никој до сега не смогна сили да го исполни. Дури и господинот Заев пред повеќе години ветуваше дека сам ќе го обнови театарот. Но, од таквото ветување, за жал, останало едно големо ништо. Со оглед на ваквата ситуација, изградбата на театарот влезе во нашата програма и ние цврсто застанавме позади неговото возобновување. Ветивме дека ќе го изградиме и не заборавивме на нашето ветување“, нагласи премиерот Груевски, пренесе МИА.

Тој посочи дека повеќе години се работело за да се спроведат сите потребни подготовки за да започне реализацијата на проектот.

„Не беше ниту лесно, ниту едноставно. Но, она што го зацртавме бевме силно решени да го исполниме и го исполнуваме. Од денеска започнува новото раѓање на стариот струмички театар“, рече премиерот Груевски.

Изградбата на стариот струмички театар за министерката Елизабета Канческа Милевска значи возобновување на еден култен простор во кој се презентира уметничкиот потенцијал на актерите од целата земја.

„Струмичкиот театар ќе има најсовремени перфоманси и извонредни сценски и аудиовизуелни ресурси. Комплетно ќе биде обновен екстериерот и ентериерот на стариот театар. Ќе бидат реконструирани и дел од оригиналните орнаменти на објектот при што ќе бидат користени стручните сугестии на авторот Цане Јанкуловски“, нагласи Милевска.