Груевски: Затековме блокирана сметка, но успеавме пред време да ги вратиме долговите

Две недели по нашето влегување во Владата во 2006-та година се соочивме со блокирана сметка, што можеби е прв пат во историјата на Македонија, но успеавме пред време да ги вратиме долговите, што наиде на остра реакција од опозицијата.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски во емисијата „Јади бурек“

„Како и секоја домаќинска куќа ако има долгови, прво да ги намали, да ги сведе на нормално ниво, а потоа ќе има повеќе пари и ќе почнеме со употреба на тие пари. Тоа многу ни помогна во кризата. Се раздолживме и во 2007 и 2008 година“, рече Груевски, кој истакна дека скоро пет години од мандатот на неговата Влада поминува со притисоци од економската и должничката криза од Европа.

Тој потенцираше дека во такви услови најголеми проблеми имаа земјите со високо ниво на долг, а Македонија се соочи со намалување на извозот и пад на инвестициите.

„Се намалија странските инвеститори, дојде до дезинвестирање. Автоматски се намалија странските инвестирања. Но немавме проблем со долгот бидејќи драстично го намаливме. Милиони и милиони евра предвремено вративме. СДСМ прашуваа зошто предвремено се раздолжуваме за поволни кредити. За да немаме кредити.  Многу сме далеку од презадолжени“, рече премиерот.

Груевски нагласи дека нивото на долг на земјава е околу 34 отсто, што е умерено, а со тоа Македонија е четврта најниско задолжена земја во Европа.

Одредено зголемување на задолжувањето ќе има, но тоа ќе биде до соодветно ниво што нема дца предизвика проблеми.