Груевски: Зборот Македонија беше сврзно ткиво, јадро на формирање на свест за нација, а потоа и држава

Груевски: Зборот Македонија беше сврзно ткиво, јадро на формирање на свест за нација, а потоа и држава
Груевски: Зборот Македонија беше сврзно ткиво, јадро на формирање на свест за нација, а потоа и држава

Изгласувањето на референдумот на 8-ми септември 1991 година беше завршница на формирање на сопствена држава, по многу години борба на генерации и генерации наши предци, огромен број положени жртви, уништени животи, затварања и малтретирања.

Ова денеска го истакна премиерот при своето обраќање по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.

Формирањето сопствена држава не одеше ни лесно ни брзо. Одеше чекор по чекор, борејќи се и начекувајќи и искористувајќи одредени историски моменти за реализација на наредниот чекор. Она што беше сврзното ткиво, она што како нишка провејува низ вековите во сиот изминат период, и кога народот што живееше на овие простори беше под комунистичкиот режим, под фашистичката окупација, под српска или бугарска власт, под отоманската империја, под византиската и римската империја, или пак претходно, беше зборот: Македонија. Некогаш бил империја, некогаш географски поим, некогаш историски поим, некогаш регион, некогаш провинција, некогаш под тоа име, а некогаш наметнато привремено друго име, некогаш, гласно, некогаш тивко, некогаш тајно, некогаш забрането, некогаш дозволено, некогаш јавно, некогаш признаени, некогаш непризнаени, некогаш со посилни, некогаш со послаби чувства, но овде на оваа почва, еден збор, зборот Македонија, е нешто што се наоѓа во секој век, ако се раскопа низ археологијата, книгите, записите, белешките, мемоарите, делата на патеписците, монетите,архивите, хроничарите, или било која друга историска анализа, истакна Груевски.

Како што истакна тој, во одреден период овој поим под притисок на разни поробувачи бледнее, некогаш се зајакнува, но опстанува, не умира, не се заборава или отуѓува. Блескавиот пробив на империјата која во антиката го носи името Македонија, останува синоним со кој се поврзуваат или некогаш и идентификуваат луѓето кои живеат на овој простор. Тој збор, тој поим, таа историска и географска одредница, во 19тиот век во процесот на формирањето на нациите како поим во Европа, почнува да станува сврзно ткиво, јадро на формирање на свест за нација а потоа и држава. Се разбира, покрај историскиот и географски збор Македонија, останатите сврзни ткиво се јазикот, културата и обичаите.

Тој стремеж за слобода и независност, добива на интензитет кон крајот на 19тиот век, најпрвин со неколку позабележителни востанија како кресненското и разловечкото, и формирање на интелектуални кружоци, а најмногу и најенергично со формирањето на македонската револуционерна организација-МРО, која неколку пати го менувала името, но во колективната меморија на народот останува запаметена како ВМРО, која активно се бори за слобода, автономија и независност во едно тешко време, зад кое има близу 500 години владеење на отоманската империја. Колку и да не ја постигнала крајната цел во тоа време, оваа над 40 годишна активност е јасен сигнал кој е кој на овој простор. Сигнал не само до владејачката империја и подоцнежното кралство кое ја зазема територијата по балканските војни, туку и до цела Европа и до светот кој внимателно ги следеле случувањата на овој простор преку своите конзули и дипломати, за што сведочат и огромниот број не само на архивски материјали туку и пишувања низ најпознатите весници во светот од крајот на 19тиот до првата половина на 20тиот век. Тогаш, од зборот Македонија, почнува освен историско и географско да добива и едно друго значење: започнува создавањето на нацијата, тогаш се никулците на создавањето на нацијата и свеста за потребата за долготрајна организирана борба за слобода и државност. Се разбира тоа не се случило преку ноќ, тоа било еден долг процес на премрежија и преиспитувања, надворешни влијанија и притисоци, грешки и пропусти, предавства и разочарувања,…но процесот не запрел. Иако, со одредено задоцнување зад повеќе европски нации и држави, таа национална свест, и борбата за автономија, слобода и независност добиле силно на интензитет токму во тој период, изјави премиерот.

Тоа е периодот, додаде Груевски, кога луѓето кои живеат на овој простор, независно на одредени контроверзи, поделби и несогласувања помеѓу нив, даваат јасно до знание дека кој и да владее на оваа почва, треба да знае дека ќе има отпор, континуирана борба, жртви, нереди и нема да има мир се додека македонскиот народ не ја оствари посакуваната цел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.