Груевски: Живееме во мултикултурно општество, наша придобивка, но и компаративна вредност

Живееме во држава во која мултикултурата е придобивка и рамка на соживот и наша општествена компаративна предност, нагласи денеска премиерот Никола Груевски во своето обраќање во рамки на петтата средба за инклузија на Роми и Роми бегалци.

На средбата присуствуваа и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, министерот без ресор, Неждет Мустафа, Јован Андоновски, државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, како и шефот на Делегацијата на Европската унија во Македонија, Аиво Орав.

„Македонија чекори во третата деценија на својата државност и самостојност, се определивме за слободно општество во кое заштитата на плуралноста и негувањето на традицијата и културната специфичност се вредности од највисоко значење. Еднаковста на заедниците и слободата на поединецот е основа за единството и кохезија и двигател на пријателството“, нагласи премиерот.

Во Македонија, како што рече тој, опстојуваат повеќе етнички групи, јазици и култури.

„Нашата трајна определба е да се грижиме за нивната еднаквост, застапеност, еманципација и интеграција во македонското општество. Ромите се дел од нашата таква разноликост, нивните културни специфики и вредности претставуваат богатство за нашето мултикултурно општество, а нивните предизвици претставуваат заеднички предизвици за кои се трудиме да ги надминеме“, потенцираше премиерот во своето излагање.

Во изминатиот период, според премиерот, институциите на системот се целосно фокусирани на спроведување на Стратегијата за Ромите и меѓународната Иницијатива Декада за вклучување на Ромите 2005-2015.

Груевски ја потенцираше заложбата на Владата за инклузивност на Ромите во Македонија и тоа во повеќе области, остакнувајќи ги вработеноста, образованието, домувањето и здравството, како најзначајни меѓу нив.

„Ромите добиваат поддршка во повеќе програми за инклузивен раст како што се програмите за самовработување, за субвенционирање при вработување, за субвенционирање на плодоуживатели на државно земјоделско земјиште, за организирање јавни работи“, рече Груевски.

Премиерот, од областа на образованието, потенцираше дека од особено значење е формирањето на катедра на ромски јазик на Филолошкиот факултет при Универзитетот Кирил и Методиј, како и повеќе проекти за инклузија на децата Роми од предшколска возраст, основно образование, средношколци и студенти.

„Во сферата на домувањето и инвестициите во инфраструктурата беа реализирани многу проекти за изградба на патишта, водоводи и комунална инфраструктура“, потенцираше премиерот, кој истакна дека еден од најзначајните е проектот за изградба на станови за социјални категории на граѓани во повеќе градови низ државата во рамките на кој повеќе станови беа распределени и на лица од ромско етничко потекло.

Во делот на здравството, рече тој, се реализира проектот Ромски здравствен медијатор преку кој што се помага за информирање и едукација на ромското население за пристап до здравствени услуги и советување за подобрување на квалитетот на животот и промоција на здрав животен стил, како и остварување на правото за матичен лекар, стоматолог и гинеколог.

Според министерот без ресор, оваа Влада ја отвори вратата на вистинската имплементација на Декадата на Ромите и е единствена во целиот регион каде се спроведува Декадата што ги стипендира ромските студенти.

„Ги отвори вратите за инклузивноста на ромските деца во 13 градови, воведе здравствени медијатори во 11 градови и отвори 13 ромски информативни центри кои работат на ранливите ромски проблеми кои беа со децении отворени“, нагласи Мустафа.

Ранливиот статус кој го имаат Ромите, смета министерот Спасов, бара координирана и долгорочна стратегија на надлежните институции и сите инволвирани.

„Развојот на секоја држава зависи од директното учество на сите надлежни институции, сите организации, но и на граѓаните без исклучок, а за возврат таа создава еднакви можности за сите“, рече Спасов.

Шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Орав, потенцираше дека прашањето со Ромите бара политичка волја, но и конкретни мерки и активности за нивна целосна инклузија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.