Групна крштевка во реката Бабуна

Во организација на Повардарската Епархија со седиште во Велес денеска по седми пат во водите на реката Бабуна во близина на Велес со почеток во 10 часот ќе се изврши групна крштевка.

Како што информираат од Епархијата Повардарска, чинот на Светата Тајна Крштението ќе го изврши митрополитот Повардарски Агатангел во сослужение на свештенослужители од Велес.

Крштевката е бесплатна, а до самиот чин можат да се пријават сите заинтересирани граѓани од Велес, велешко и други општини, кои се постари од 14 години и досега се уште не се крстени.

Минатата година во јули во водите на Бабуна кај Велес беа крстени 27 граѓани или во изминатите шест години светото тајно крштение го примија вкупно 262 граѓани од сите возрасти од Велес, велешко, а ги имаше и од соседните општини.