Гугл почна со скенирање на улиците во Македонија

Google објави дека од денес започнува со снимање на локациите низ Македонија, со цел подобрување на квалитетот на функцијата Street View во рамките на апликацијата Google Maps. Почнувајќи од 29 септември, во Скопје и Битола, како и во други поголеми градови во земјава, ќе бидат снимени тродимензионални фотографии, а наредната година истото ќе продолжи и во другите помали места. Планирано е да се покрие колку што е можно повеќе од патната мрежа, како и најинтересните места во земјата.

Министерството за информатичко општество и администрација имаше активна соработка со претставници на Google, со кои оствари повеќе средби со цел воведување на овој сервис во Македонија.

„Ми претставува задоволство што благодарение на Google Street View може да се види Македонија во нова “димензија”, преку компјутер или паметен телефон.
Ова е особено важно за туризмот што ќе придонесе за подобро позиционирање на Македонија на светските туристички атрактивни дестинации, каде што убавината на нашата земја може да се види од било кој уред поврзан со интернет.„- смета министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Street View е многу популарна функција на Google Maps, која беше лансирана во мај 2007 година и веќе е достапна во 59 земји. Исто така, таа е достапна на Google Earth и на Google Maps за мобилни телефони. Функцијата им овозможува на корисниците полесна навигација преку виртуелно панорамско истражување на улиците.