Уништувањето на терористичката група Исламска држава е невозможно без наоѓање на политички излез од кризите во Сирија и Ирак, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
– Нема сценарио, кое ќе овозможи победа над ИД без сеопфатно политичко решение за Сирија и Ирак, истакна тој во своето обраќање на Безбедносната конференција во Минхен.
Според него, би било илузија да се смета дека е можна победа над тероризмот доколку има „незадоволно население, чии интереси не се почитуваат“.
Гутереш истакна дека главна задача е да се започне политички процес меѓу непријателските страни во Сирија. Тој изрази надеж дека следниот круг од меѓународните преговори, под покровителство на ОН, ќе се одржи на 23 февруари.