Хаџиски со шокантно сведоштво во судницата

За клучните моменти поврзани со убиството тој изјави дека не се сеќава или пак само на нешто како низ магла. Тврдеше дека под притисок потпишувал записници во полиција. Во Легијата на странци го добил новиот идентитет, а француското државјанство за воени заслуги. Разочаран е што и покрај се Франција го екстрадирала во Македонија, пренесува ВЕЧЕР.

“Долго време бев убеден дека можеби сум го сторил тоа јас. Така ме тераа да мислам и ме уверуваа. Сега веќе мислам дека не е така“.

Ова го изјави Миле Хаџиски пред Судскиот совет на повторниот процес за бруталното убиство на дваесет и едногодишната Мери Јошевска во далечната 1993 година.По дваесет години минати во бегство тој беше уапсен во Швајцарија, а потоа во Франција и екстрадиран во нашата држава.

Хаџиски два часа одговараше на прашањата на судот и на Обвинителството и во детали објаснуваше што и како правел додека бил во бегство, како и зошто го добил новиот идентитет, но и детали за врската со Јошевска и момент од дента кога се случи убиството. Тој во ниту еден момент не призна дека ја убил иако потврди дека имал крв на облеката. Изјавите кои ги дал во текот на истрагата, барем оние во полициската станица, биле изнудени со закани.

– Што и да кажам се ќе биде против мене. Затоа е небитно. Тогаш изјавите ги давав под присила. Никогаш нема да докажеме што се случи тој ден ниту пак ќе откриеме кој ја убил. Можеби сум јас, така барем ме уверуваа, рече Хаџиски.

Со Јошевска се знаел околу два месеци и биле другари, не биле во врска. На 18 јуни 1993 година дошол во нејзиниот стан. Требало да добие извесна сума пари која му требала за да набави цигари кои потоа ги препродавал. Јошевска ја немала потребната сума, па му дала еден прстен. Пиеле кафе, па вотка. Караницата која избила не била заради пари, барем така тврди Хаџиски. Според неговата изјава, Јошевска му се заканила дека ќе разгласи оти била бремена од него и дека ќе го пријави за силување кај нејзин роднина во полицијата.

– Со Мери се гледавме околу два месеци. Втор или трет пат бев кај неа. Требаше да ми даде пари за да купам цигари и да ги препродадам, но немаше, па затоа ми даде прстен за да го заложам. Се скаравме заради глупости. Ми рече дека ќе разгласи оти била бремена од мене и дека наводно сум ја силувал, а потоа ми се закани со некој нејзин чичко во полиција. Глупости, лесно можеше да се провери кој е вистинскиот татко. Не се сеќавам дека ја удрив ниту пак таа мене. Тоа е последното што го паметам. Знам дека попладнето се разбудив дома, рече Хаџиски.

Нож носев за да не ме ограбат

Тој потврди дека со себе носел нож со големо сечило, но дека му бил за самоодбрана бидејќи препродавал цигари и понекогаш имал многу пари со него.

– Ножот секогаш ми беше во акт-чантата. Се плашев дека ќе ме нападнат и ограбат. Тогаш имав 21 година и не размислував како сега. Детски работи беа тоа, објасни тој.

Според неговата верзија на настаните, дента ножот го носел со себе бидејќи Јошевска побарала да и направи некакви дупки во чантата. На масата имало уште еден нож, кој таа го донела за секој случај. Што се случило со чантата, дали навистина направил нови дупки не одговори тврдејќи дека не се сеќава, па тоа ќе мора да го објаснат вештаците и полицајците кои го вршеле увидот, а кои ќе бидат повикани на судењето како сведоци.

 

321199-mozhebi-ja-ubiv-taka-me-ubeduvaa

Ме присилија да потпишам записници

Хаџиски изјави дека не се сеќава како стигнал дома, но потврди дека се разбудил попладнето и имал крв на облеката. Немал никакви рани или повреди, а облеката ја ставил да се испере.
Вечерта излегол надвор, се сретнал со еден пријател и отишле во кафуле каде подоцна бил уапсен. За убиствот не кажал никому бидејќи тврди дека ни тој не знаел што се случило.

– Се сомневам дека има позадина бидејќи ме најдоа веднаш и ме уапсија. Тогаш немаше мобилни како сега, а кафулиња имаше повеќе од продавници за храна, рече Хаџиски.

Според неговата изјава полицајците кај него го нашле само златниот прстен кој Јошевска му го дала за да го заложи. Во записникот за одземени предмети пак стои дека кај него се најдени златен ланец, златни привезоци и полускапоцени камења, а според обвинителниот акт тој неуспешно се обидел да ги продаде на Бит-пазар.

– Насила го потпишав записникот. Таму стои дека ми ги нашле тие предмети во гаќите. Не е точно, јас го имав само прстенот кој го чував во џебот и самиот им го дадов. Понатаму велат дека сум бил на Бит-пазар и сум сакал да ги продадам украдените предмети од станот на Јошевска. Тогаш и мало дете можеше да продаде злато и накит, а не јас, објаснуваше Хаџиски.

Јас бев легионер, а не “Пинк Пантер“

На самиот почеток на судењето раскажа за животот во странство демантирајќи ги натписите дека бил член на криминалната група “Пинк Пантер“. Бил разочаран од француските власти бидејќи го екстрадирале иако има француско државјанство кое го добил врз основа на воените заслуги во Легијата.

– Свесен сум дека сум осуден од јавноста, не верувам дека тоа е намерно. Меѓутоа толку невистини се напишаа и објавија за мене што не знам од каде да почнам. Јас служев во Легијата на странци. Никогаш не сум бил член на криминалната група “Пинк Пантер“, а камоли со години да сум пљачкосувал низ Европа со лажни идентитети, рече Хаџиски.

Идејата за приклучување на Легијата ја добил во Идризово, додека ја издржувал казната која подоцна ќе му биде укината. Во март 1995 година тој е пуштен од затвор, а во ноември ја напушта Македонија. На 28 декември 1995 година се приклучува кон Легијата на странци во регрутен центар близу Марсеј и таму го добива новиот идентитет Зоран Томовиќ, име на кое гласи францускиот пасош. Неговата сопруга со која има две малолетни деца ќе го дознае неговото минато и вистинскиот идентитет дури откако ќе бид е уапсен во Лозана, Швајцарија, каде живее и работи по отпустот од Легијата на странци.

– Во Легијата останав 15 години и три дена. Со другите легионери одевме во конфликтни подрачја за да спасуваме луѓе и да помагаме. Јас не сум тоа што ме претставуваат, изјави тој.

Хаџиски знаел дека бил баран со меѓународна потерница од Интерпол, исто како и Легијата на странци бидејќи работел во тамошната Дирекција за безбедност и имал задача да го проверува минатото на кандидатите, односно да внимава на евентуални терористи. Дирекцијата била директно поврзана со француската и македонската полиција и со Интерпол и таму ја видел својата слика на која имало друго име – Киро Ризов.

Според обвинителниот акт Хаџиски се товари дека ја убил Мери Јошевска на свиреп начин така што по караницата се обидел да ја задави, а потоа ја удрил со кристален пепелник по главата. Кога таа паднала на земја и нанел четирисет убоди со нож по стомакот и градите. Намерно го зел накиот за да ја дефокусира истрагата и да се помисли дека станува збор за грабеж кој не се одвивал според планот.