Хаг не го сака Шешељ назад?

Обвинителството на Трибуналот во Хаг е непријатно изненадено што судијата Жан Клод Антоанети сеуште нема испратено налог до лидерот на српските радикали Војислав Шешељ да се врати во Шевенинген, пишува српскиот весник „Вечерње новости“ повикувајќи се на дипломатски извори.

Српски „Курир“ повикувајќи се на сопствени информации, пишува дека главниот судија во процесот против Шешељ воопшто не го известил Обвинителството кога ќе постапи по налогот за враќање на Шешељ, издаден пред една недела. Нема одреден рок до кога мора да се одлучи за овој налог, но обвинителот Серж Брамерц, наводно, очекувал дека дописот од Трибуналот веќе ќе му биде доставен на обвинетиот. Поточно, истиот ден кога судиите од второстепениот суд тоа го наложиле.

Премиерот Александар Вучиќ порача дека ќе ја преземе одлуката за Шешељ, но дека ќе бара од Трибуналот и писмени докази дека на Шешељ му е подобрена здравствената состојба, па затоа бараат повторно да биде притворен. Вучиќ потсети дека Шешељ токму поради здравствената состојба е вратен во Србија.

Лекарот на Шешељ даде препорака, дека Шешељ оваа недела треба да започне со хемотерапија, но лидерот на српските радикали веднаш ги одби овие препораки со образложение дека терапијата несмее да се прекинува. Доколку се врати во Хаг, тој таму нема да продолжи со лекувањето.

Претседателот на СРС дојде во Србија во ноември 2014-та, по речиси 13 години поминати во Хаг. Тој е пуштен под два услови: да не разговара со сведоците и да се врати во Холандија штом ќе го повикаат.