Хаг одлучи: Шешељ нема да биде вратен во притвор

Хашкиот трибунал го одбил барањето на обвинителството обвинетиот Војислав Шешељ да биде вратен во притвор, беше објавено денеска во Хаг, пренесоа српските медиуми.

Во одлуката Судскиот совет исто така прогласил дека не е надлежен да расправа за барањето на Шешељ, главниот обвинител Серж Брамерк да биде казнет „поради недозволено однесување“.

Судскиот совет исто така наведува дека обвинителството не поднело жалба на одлуката за ослободување на Шешељ на привремена слобода, а сега бара преиспитување на таа одлука, што е можно само врз основа на новите факти што ги нема.

Обвинителството на Хашкиот трибунал на први декември побара судскиот совет да го врати во притвор обвинетиот Војислав Шешељ затоа што „со своето однесување во Србија“ го „поткопал“ духот на одлуката за привременото ослободување.