Хајндл во Тетово на средби со Ахмети и Тачи

Хајндл во Тетово на средби со Ахмети и Тачи
Хајндл во Тетово на средби со Ахмети и Тачи

Специјалниот пратеник на Германија за Македонија Јоханес Хајндл денеска во Тетово треба да има средби со лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Хајндл вчера се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев. На средбите се разговарало за политичката криза во Македонија и можностите за нејзино надминување.

Хајндл по вчерашните средби не даде изјава за медиумите, но во меѓувреме се огласи германското Министерство за надворешни работи.

– Ја поздравуваме одлуката на македонскиот Парламент за повторно одложување на парламентарните избори кои беа закажани на 5 јуни. Ова ќе им даде шанса на партиите да го поправат загрижувачкиот развој на настаните во изминатите месеци и да ја вратат земјата назад на европскиот пат. Одложувањето на изборите мора да биде придружено со кредибилен реформски процес. Партиите имаат одговорност да ги спроведат неопходните услови и да обезбедат дека изборите ќе бидат според меѓународните стандарди, се наведува во соопштението од германското МНР.

Берлин, исто така, порачува дека е важно итно да се повлече одлуката за амнестија на голем број политичари донесена во април.

– Обвинувањата за злоупотреба на моќта мора да бидат истражени со цел да се врати довербата на граѓаните на Македонија во демократските институции на државата. Специјалниот обвинител мора да ја продолжи својата работа без никакви попречувања, се наведува во соопштението.

Притоа се посочува дека германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл е во Македонија на нова рунда разговори со партиските и државните претставници со цел да даде поддршка на тој процес што се води во тесна соработка со ЕУ и САД.

Со заедничко соопштение за состојбата во Македонија синоќа излегоа и тројцата европарламентарци Ричард Ховид, Иво Вајгл и Едвард Кукан кои заедно со еврокомесарот Хан посредуваа во постигнувањето на договорот од Пржино. Тројката европратеници изразува загриженост поради неуспехот на четирите главни политички партии во Македонија да постигнат заеднички договор за надминување на политичката криза, која, како што наведуваат, се заканува да доведе до целосно пропаѓање на договорот од Пржино и значи сериозно враќање на загриженоста околу владеењето на првото, независноста на судството и медиумите, а сериозно го загрозува и евроатлантскиот пат на земјата.

Според Ховит, Вајгл и Кукан, договорот од Пржино – политичкиот дијалог во Парламентот, отчетност и реформите потребни за спроведување на изборите, остануваат најдобар начин за придвижување на земјата за излез од актуелната криза. Тие наведуваат и дека одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување на политичари и нивни соработници претставува кршење на договорот од Пржино и е спротивна на принципот на владеење на правото и градење функционална демократија. Ховит, Вајгл и Кукан истакнуваат и дека мора да му се даде недвосмислена поддршка на Специјалното обвинителство како главен сегмент на договорот од Пржино.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.