Хакери на ИД упатија закани до жителите на Њујорк

Група хакери поврзани со Исламска држава на интернет објави листа со илјадници имиња на жители на Њујорк и ги повика своите следбеници да ги нападнат, изјави неименуван извор од американската служба за безбедност, пренесува МИА.

Тој посочи дека не верува оти станува збор за кредибилна закана, но федералните агенти и полицијата во Њујорк се во контакт со поединци од листата.

Иако наша стандардна пракса е да не ги коментираме специфичните оперативни мерки и прашања поврзани за истрагата, ФБИ рутински ги информира поединците и организациите собрани во текот на истрагата, што може да се сфати како потенцијална закана, се наведува во соопштението на Федералното истражно биро.

На листата се имиња, куќни и интернет адреси на 3.600 луѓе од Њујорк.

Минатата година, група поврзана со ИД на интернет објави, како што тврдеше, имиња, адреси и фотографии на 100 припадници на американската војска и побара од своите приврзаници да ги убијат.

Од 2013 година до денес во САД се уапсени повеќе од 70 поединци поради обид да ја поддржат ИД.