Хакнати електронски пошти на турската влада

Хакери на Сириската електронска армија (СЕА) извршиле хакерски напади врз огромен број турски електронски пошти имејли, вклучувајќи ги и оние на турската Влада, соопшти турскиот весник на англиски јазик „Хуриет дејли њуз“.

СЕА пред извесно време објави некои имејли со доверливи информации на турски владини агенции. Хакерите ја откриле кореспонденцијата водена во периодот од март 2009 до ноември 2012 година.

Хакерски напади били извршени и врз имејлите на серија турски министри, дипломати и државни службеници, како и адреси од Саудиска Арабија, Катар и Арапската лига.

Портпаролот на СЕА посочи дека откриените имејли докажуваат дека имало координација меѓу турската Влада и вооружените групи во Сирија.

– Целиот свет не ги почитува границите на Сирија, а ние, пак, ќе ја игнорираме сечија граници низ светот и на нишан ќе ги земеме оние кои сакаат да и наштетат на нашата земја- додаде портпаролот.

Тој истакна дека Ријад, Доха, Анкара и Арапската лига се замешани во војната во Сирија.

Сириската електронска армија, која се смета дека го поддржува сирискиот претседател Башар ал Асад, има извршено хакерски напади врз сајтовите на весниците „Њујорк тајмс“, „Хафингтон пост“, „Гардиан“, „Сан“. СЕА упаднала и во страниците на Асошиетед прес, Си-Ен-Ен, Ал Џазира.