Хамнеи им постави седум услови на трите европски сили за спасување на договорот со Иран

© AP Photo / Office of the Iranian Supreme Leader

Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи постави серија услови за триете европски сили Германија, Франција и Велика Британија, потписнички на меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година од кој на почетокот од мај истапија САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 8-ми мај ги повлече САД од меѓународниот договор на шесте светски сили со кој Иран ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, и истовремено најави враќање на санкциите под кои може да потпаднат и европските компании кои во меѓувреме склучија договори со Техеран. Европските потписнички на договорот сметаат дека тој е најдобриот начин Иран да се спречи да дојде до нуклеарно оружје.

„Во текот на двете години САД неколкупати го нарушија договорот, додека Европејците молчеа. Овие три европски земји мора да докажат дека нема да се однесуваат нечесно..“, се наведува во објавата на Хамнеи објавена на Twitter.

Европа, според Хамнеи, мора да донесе резолуција со осуда на потегот на САД, треба да гарантира дека нема да го покренува прашањето на иранската ракетна програма и нема да се меша во регионалната политика на Исламската Република. Иранскиот водач, исто така, побара гаранции за продажбата на иранската влада, како и европските банки да осигурат спроведување на деловните трансакции со Иран.

„Не сакаме да започнуваме судир со овие три земји, но ние не им веруваме“, напиша Хамнеи предупредувајќи дека Иран во спротивно ќе продолжи со збогатувањето ураниум доколку Франција, Германија и Велика Британија не ги исполнат барањата.

„Доколку САД успеат да ја попречат продажбата на нашата нафта, ние мора да имаме можност да го продадеме саканиот износ на енергенсот. Европејците се должни преку гаранции да го компензираат тоа и да купат иранска нафта“, порачува ајатолахот Хамнеи и заклучува дека „Европа треба да се спротистави на обидите на САД да воведат санкции против Иран“.