Хамшик: Ако го нема Пандев не значи дека Македонија е слаба

Фудбалската репрезентацијата на Словачка од вчера е во Скопје, каде денеска против Македонија ќе го игра натпреварот од 4.коло од Ц групата од квалификациите за ЕУРО 2016.

Пред одржувањето на тренингот на Националната Арена „Филип Втори“ Словаците ја одржаа и вообичаената прес-конференција.

– Ако го нема Пандев во Македонија, не значи дека не е квалитетна репрезентација. Сме играле и претходно и знам дека во Скопје не очекува тежок натпревар. Имаме три победи досега, но и ова е важен натпревар и ќе дадеме се од себе да победиме. За Пандев можам да кажам дека е одличен фудбалер и остави белег во Италија и дека е добро за нас што не игра – изјави Марек Хамшик, словачкиот репрезентативец, кој неколку сезони заедно со Пандев настапуваа во дресот на Наполи.

Словаците искажаа респект за нашата репрезентација, а селекторот Јан Козак изјави дека нивна цел е од Скопје да заминат со победа.

– Нема да биде лесно, но мораме да ја потврдиме улогата фаворит. Добро е што немаме проблеми со повредите и Мартин Шкртел ги надмина здравствените проблеми и ќе биде во составот, рече Козак.

Репрезентацијата на Словачка е првопласирана во нашата Ц група со 9 бодови од три натпревари и тоа победите над Украина и Белорусија на гости и со Шпанија на домашен терен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.